Членството во НАТО придонесува за зајакнување на стабилноста и просперитетот во Југоисточна Европа

Во рамките на посетата на Париз, министерот за одбрана на Република Македонија, г-дин Зоран Јолевски одржа работна средба со Министерот за одбрана на Република Франција, г-дин Jean-Yves Le Drian. Билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната беше оценета како одлична, и последниве неколку години се развива во нагорна линија. На средбата беа разменети мислења за безбедносната состојба во Европа и светот.

Поголемиот дел од состанокот беше посветен на самитот на НАТО кој треба да се одржи следниот месец во Варшава. Министерот Јолевски истакна дека интегрирањето на земјите од Западен Балкан во НАТО придонесува за зацврстување на стабилноста и просперитетот на регионот. Воедно информира дека евроатлантските интеграции се приоритет за Република Македонија. Министерството за одбрана продолжува со реформите во Армијата, бидејќи со нив се придонесува за натамошно јакнење на армијата, како гарантор на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, но паралелно за исполнување на критериумите за членство во НАТО. Воедно тој истакна дека Република Македонија ќе продолжи со учеството во НАТО мисијата “Одлучна поддршка” во Авганистан.

Во текот на состанокот беа презентирани аргументи зошто Република Македонија треба да добие покана за членство во НАТО, што е можно поскоро. Притоа министерот истакна дека очекува Грција да ги почитува своите обврски од Времената спогодба од 1995 година потпишана во седиштето на Обединетите нации и овозможи Република Македонија да добие покана за членство во Алијансата. Воедно министерот Јолевски ја поздрави поканата за членство на Црна Гора во НАТО, а побара и напредок во интеграционите процеси за Босна и Херцеговина. Со ова ќе се испрати порака дека НАТО е силен сојуз, кој го проширува членството. Македонија и другите земји од регионот покажаа дека се партнери на алијансата, врз кои може да се потпре во зачувување на мирот и слободата во другите делови на светот, како што е Авганистан.

Во текот на денешниот ден министерот Јолевски ќе го посети Саемот за одбранбена индустрија кој се одржува во Париз, а потоа ќе отпатува за Полска каде ќе присуствува на најголемата воена вежба „Анаконда 2016“ што се одржува на европскиот континент оваа година. АРМ учествува со 154 војници и офицери.