Заменик-министерот за внатрешни работи го посети Регионалниот центар за трансфузиона медицина во Тетово

Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на крводарителството, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу со најблиските соработници, денеска ( вторник, 14 јуни ) го посетија Регионалниот центар за трансфузиона медицина во Тетово.

При посетата, заменик-министерот Нухиу оствари средба со директорот на Центарот, Екрем Исмани, на кого му врачи пригодна плакета, додека за активен личен и вкупен придонес на Министерството за внатрешни работи во активностите за унапредување и омасовување на крводарителството во нашата земја, на Нухиу му беше доделена благодарница.

Напоредно со тоа, петнаесетина полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово денеска во овој Центар даруваа од течноста која живот значи, со што на најубав начин ја потврдија нивната хуманост и несебичност.

Инаку, Секторот за внатрешни работи Тетово секоја година партиципира со по над 200 собрани единици крв, кои доброволно ги даруваат полициските службеници од Тетово и Гостивар.