Осум претстави на третиот фестивал „Гола месечина“ во Аеродром

Третиот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ кој го организираат Театар Комедија и Општина Аеродром со поддршка на Министерството за култура, годинава ќе се одржува од 20-ти до 29 јуни во отворениот Спортски центар Ново Лисиче.

Ќе бидат изведени осум претстави-комедии на театри од Софија (Автобусот), Сараево (Балкански шпион во Сараево), Белград (Елинг), Ниш (Жорж Данден) и на театрите од Прилеп (Хамлет од Горно Дупени) и Охрид (Парламентарки), Театарот за деца и младинци (Македонска приказна) и на организаторот – Театар Комедија (Нешто пропуштаме).

На завршната фестивалска вечер, 29 јуни, ќе бидат доделени четири награди – за најдобра режија, машка улога, женска улога и Гран-при за најдобра претстава.

Влезот за посетителите и годинава ќе биде бесплатен, а поради големиот интерес за манифестацијата, организаторите обезбедија простор со поголем капацитет – локацијата избрана за годинашниот фестивал има до 3.000 места.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција на која беше претставена програмата рече дека овој фестивал е успешен пример за соработка на локалната и централната власт во областа на културата.

Нагласи дека меѓу приоритетите на Владата и Министерството за култура е локалниот културен развој и дисперзија на културни настани во сите општини низ Македонија, посочувајќи и други манифестации со таа цел, меѓу кои и претстојната „Топол културен бран“.

„Од културата секој граѓанин треба да има бенефит и затоа локалниот културен развој е еден од приоритетите во културната политика на Владата и Министерството за култура. Во летниот период се организираат најразлични видови манифестации и околу 99 проценти од сето она што се случува во нашата држава во областа на културата се поддржани од Владата, Министерството за култура и локалната самоуправа. Тој одличен модел на функционирање нацентралната и локалната власт можеме да го видиме и со Општина Аеродром“, истакна Канческа-Милевска.

Според директорката на Театар Комедија Јелена Жугиќ, „Гола месечина“ по две успешни изданија има се повеќе странски учесници и станал препознатлив во регионот, така што театри од околните земји веќе самите праќаат снимки од претстави со кои би гостувале на фестивалот.

Веќе сме етаблирани и признати и не познаваат национални институции, рече Жугиќ и ги повика Аеродромци, но и сите скопјани од понеделник да доаѓаат на претстави во Ново Лисиче.

Со поддршка на Министерството за култура, првпат за време на фестивалот ќе бидат промовирани книги-комедии кои имале праизведба во нивниот театар. Целта е да се зголеми издавачката продукција од овој жанр. Годинава тоа ќе бидат две драми од Венко Андоновски – „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“ – и ќе бидат објавени верзиите кои биле играни на сцена. Годинава првпат ќе има и работилници за актери од Театар Комедија.

Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски рече дека целта на „Гола месечина“ е да го збогати културниот живот на жителите на Аеродром и, како што рече, да ги развесели и разведри љубителите на комедијата.