Почна завршната фаза на изградбата на спортските терени на СРЦ.Билјанини Извори – Охрид. Се асфалтира просторот предвиден за едно мултифункционално игралиште кое ќе биде опремено со реквизити за соодветните спортови: кошарка, ракомет, фудбал и два тениски терени од кои едниот е двоен. Терените треба да бидат комплетно завршени до четврток и на нив да биде поставен двоен асфалт.
Тениските игралишта кои се дел од проектот на Владата на Република Македонија за изградба на 100 тениски игралишта се со сертификат од Интернационалната тениска федерација, со инфраструктурни приклучоци и рефлектори за одигрување натпревари во ноќните часови. Тениските игралишта се оградени со жичана мрежа во висина од 3,40 метри и можат да се користат во вечерните часови, бидејќи ќе бидат осветлени со четири рефлектори поставени на височина од 12 метри.
Околу терените пак, е изградена обиколна патека од бекатон плочки со широчина од 1,20 метри Тениските игралишта ќе бидат одличен градски простор каде што граѓаните и спортистите ќе можат да рекреираат, односно тренираат во одлични услови. Тениските игралишта ќе го продолжат трендот на работа како и останатите спортски објекти, а тоа е отворање на спортски школи и работа со млади категории и развој и поддршка на клубовите и на тенисот во Р Македонија.
Овие нови игралишта беа неопходни за СРЦ. Билјанини Извори – Охрид како спортски комплекс да ја добие вистинската слика за комплетен урбан спортски центар кои ги нуди сите можни спортски услуги на едно место.