Реализацијата на проектот на Владата на Република Македонија, „Фондот се грижи за хроничните болни“ и најновите резултати од јавувањата на вработените од Фондот во грижата на хронично болните, кои досега со телефонски јавувања, смс пораки и е-пошта контактираа 37.814 осигуреници со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања, се одвива според планираната динамика, информираат од ФЗОМ.
„Од досегашното искуството на 10 тима на вработени во Фондот кои ги контактираа осигурениците во периодот од 1 октомври 2015 до денес, со задоволство може да констатираме дека продолжуваме да наидуваме на позитивен приeм кај осигурениците кои ги контактираме.
Голем број од контактираните осигуреници се запознаени со тежината на нивното заболување и имаат основни информации за својата терапија, начинот на исхрана и животен стил.Сепак, има и осигуреници кои иако знаеле дека се болни, не биле сигурни какви се последиците од ненавременото одење на лекар и примање на соодветна терапија. Во разговорите со осигурениците и укажување од нашите вработени, овие осигуреници се согласиле посовесно да се однесуваат кон своето здравје и да ги слушаат препораките на лекарите.
Осигурениците се интересираа и за други права од здравственото осигурување, кои се во надлежност на Фондот, како што се: остварување право на ортопедски помагала, право на медицинска рехабилитација, како продолжено болничко лекување и бараа дополнителни информации за лекови на позитивната листа. Осигурениците, исто така, во раговорите со нашите тимови се интересираа и за користење на новите електронски услуги на Фондот.“- велат од ФЗОМ.
Тимовите на ФЗОМ се составени од вработени од поголемите подрачни служби како што се: Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес, Прилеп и Куманово. Тие им се јавуваат на осигурениците со трите хронични заболувања да ги потсетат кои прегледи треба редовно да ги прават, да ги информираат за комплексноста на заболувањето, со цел да се стопира можната прогресија на болеста.