Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес го додели признанието „Најдобар млад научник” за 2015 година, на Михаела Ангелова.
Признанието „Најдобар млад научник” за врвни научни достигнувања се доделува по шести пат. Целта на доделувањето на ова признание е да се поттикне развојот на научната и истражувачката мисла, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.
„Науката е имагинативна авантура на умот кој во светот на мистеријата трага по вистината”, рече британскиот хемичар и нобеловец Норман Хиншелвуд. Ако науката е авантура на умот, тогаш научниците се луѓе кои во своите истражувања и научни авантури се водени од љубопитност, храброст и дисциплина. Откривајќи ги научните вистини, тие во голема мера се заслужни за светот во кој живееме, технологиите што ги користиме, знаењата што ги применуваме, а без кои напредокот би бил незамислив. И Република Македонија, која годинава треба да прославува четврт век независност, има свои научници кои се вклучени во глобалната потрага по вистината. Имагинативноста, креативноста, хуманоста и вистинољубивоста на нашите научници веќе се вткаени во ризницата на знаењето на човечката цивилизација. Не се сомневам дека македонската наука допрва ќе го задолжува светот. Денес, како претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор го имам задоволството, по шести пат да доделам признание на еден таков трагаач по научната вистина, д-р Михаела Ангелова.“– рече во своето обраќање претседателот Иванов.
Претседателот Иванов рече убеден е дека со изборот на најдобриот млад научник придонесуваме кон поттикнувањето на интересот за младата македонска научна мисла.
„Креативноста и постигнувањата на нашите млади научници се доказ дека имаме голем потенцијал во сите научни области. Оттука, треба да направиме сè, младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа.“– додаде Иванов.
Инаку, аа носител на признанието „Најдобар млад научник” за 2014 година беше избран Даниел Денковски, кој работи на полето на електротехниката и информациските технологии. Во 2013 година признанието го доби Петар Стојанов за истражувачка работа во областа на биоинформатиката. Во 2012 година за носител на признанието „Најдобар млад научник” беше избрана Катерина Бачева за истражувачка работа во областа на аналитичката хемија и хемија на животната средина. За најдобар млад научник во 2011 година беше избран Трифче Сандев за истражувачка работа во полето на физиката и математичката физика, додека носител на признанието за 2010 година беше Никола Златанов за истражувачка работа во полето на безжичните телекомуникации.