Конференција „Управување со цврст отпад“ во Струга

Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа, во Струга ќе ја одржи финалната „Конференција за интегрирано управување со цврст отпад во прекуграничните и крајбрежните области во регионот на Југоисточна Европа”. Официјалното отворање на конференцијата ќе биде на 21 јуни со почеток во 9.00 часот.

Проектот „Управување со цврстиот отпад” е насочен кон проценување и развивање на модели за интегрирано управување со цврстиот отпад кои се еколошко ефикасни и економски прифатливи, со цел да се намалат негативните еколошки и економски влијанија на лошото управување со цврстиот отпад, како и за поддршка на еколошкиот и социо-економскиот развој на прекуграничните рурални и крајбрежни области во земјите од Југоисточна Европа.

Во рамки на овој проект, засновајќи се на развиена методологија и спроведената проценка на влијанијата, беа развиени модели за интегрирано управување со цврст отпад во три пилот-региони (планини, речни корита и морско крајбрежје). Заедно со развиените механизми за подобрување и поддршка на системите за управување со отпад во локалните области, беа создадени мерки и препораки за поддршка на примената на дадените модели.