Проект за промоција и афирмирање на мегалитската опсерваторија Кокино, која според НАСА се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Министерката во рамки на проектот „Кокико-македонски бренд“ најави активности за доопремување и оградување на локалитетот, изградба на пристапна патека за посетителите, поставување на заштитни огради на дел од патеките, изградба на Центар за посетители во кој во иднина ќе се реализираат разновидни содржини, семинари, работилници, изложбен простор, сувенирница и ресторант.
„Кокино има големо значење од астрономски, но и од археолошки аспект, тоа е прво регистрирано планинско светилиште од бронзено доба на територија на денешна Македонија. Имајќи ги предвид овие факти, Владата на Република Македонија и Министерството за култура започнаа со реализацијата на проектот „Кокико-македонски бренд“ што ќе се одвива во 4 години, до 2018 година. Наша цел е преку овој проект да го промовираме локалитетот, да создадеме услови за негова одржливост што од друга страна ќе има и економски придобивки за државата“, изјави Милевска.
Потсети дека Министерството секоја година одвојува средства за археолошки истражување во рамки на кои се откриени над 300 наоди од бронзено време, уникатни предмети со култен карактер, кои се многу ретки и говорат дека денешниот северен дел од Македонија бил составен дел од т.н. медитеранска култура што се развивала околу Егејот.
Министертсвото за култура во соработка со повеќе институции започнува со циклус на програмски активности поврзани со локалитетот Кокино.
Директорката на Археолошкиот музеј на Македонија Весела Честоева изјави дека оваа година се навршуваат 15 години од првите археолошки истражувања на локалитетот Татиќев камен, познат како Кокино и по тој повод Археолошкиот музеј на Македонија организира Меѓународниот научен симпозиум тема „Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“, на кој на 24 и 25 јуни повеќе звучни имиња од областа на археологијата и астрономијата ќе разменат мислења и ставови за Кокино и неговото значење во светски рамки.
„На симпозиумот ќе учествуваат британскиот астроном, археолог и академик Клаj Фраглес, Горан Херинксон од Шведска, Валерија Фол од Бугарија, нашиот археолог и редовен професор Драги Митревски, археологот и истражувач Александар Булатовиќ од Србија, Филип Михајлов од Бугарија и други истражувачи,“ рече Честоева.
Најави дека во рамки на симпозимот во Археолошкиот музеј ќе биде поставена и изложба со 26 фотографии од локалитетот Кокино видени низ објективот на македонскиот фотограф Љупчо Илиевски.
Директорката на Музеј Куманово Анита Цветановска посочи дека во рамки на проектот на 25 јуни во Музејот во Куманово ќе биде отворена изложбата „Кокино – тврдина на Сонцето“ во чии рамки ќе бидат презентирани околу 150 артефакти откриени за време на археолошките истражувања, а ќе бидат претставени и реконструкции на култните јами, кои се најважна археолошка содржина на локалитетот.
„Некои форми од садовите и нивното декорирање се уникатни и во светски рамки, а нивната уникатност се должи на фактот што биле изработени специјално како дарови за светилиштето на локалитетот. Се надевам дека со изложбата ќе успееме да ве однесеме во мистичниот предел на Кокино,“ изјави Цветановска.
Кон крајот на август годинава на самиот локалитет Кокино ќе се реализира и фестивал насловен како „Тврдина на сонцето“. Според Ана Зафирова од продукција „Пасворд“ настанот има за цел да даде поинаква живост на самата мегалитска опсерваторија и истовремено да се придружи кон негова промоција, без да не се наруши атмосферата и духот на самиот локалитет.
„Во рамки на настанот ќе се организират астрономски работилници, работилници за филигранство, керамика, плетење и оригами, работилница за одржливо искористување на билошки отпад во домашни услови, кино на отворено небо, музички работилници, туристички тури со специјално обучени водичи, специјално дизајнирани светлечки инсталации, како и предавања и презентации на различни вештини. Заокружување на настанот ќе биде концерт на групата „Фолтин“, најави Зафирова.
Нагласи дека за да се заштити еколошката средина во регионот ќе има специјално организирани тури со автобуси за граѓаните од Скопје и Куманово.