Иванов се сретна со генерал Мјечислав Гоцул, началник на Генералштабот на вооружените сили на Полска

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Полска, генерал Мјечислав Гоцул, кој престојува во официјална посета на Република Македонија и на АРМ.

На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, при што е изразено задоволство од досегашната одлична соработка и одржувањето на дијалогот на високо ниво во областите од заеднички интерес, особено во областа на одбраната.

Претседателот Иванов посебно ја истакна досегашната активна поддршка што Република Македонија ја добива од страна на Република Полска, која е особено изразена во политиката на „отворени врати на НАТО”, при што изрази очекување за нејзина потврда и на претстојниот Самит на Алијансата што ќе се одржи во Полска наредниот месец.

Заедничка констатација на претседателот Иванов и генералот Гоцул е дека постои потенцијал за зајакнување на билатералната соработка во областа на одбраната. Во тој контекст двајцата соговорници изразија очекување за интензивирање на соработката меѓу армиите на двете земји како основа за заеднички ангажмани во наредниот период.