Делегација на Царинската управа на Република Македонија предводена од директорот Наташа Радеска Крстевска, денес (22 јуни 2016 година) во Трст, Италија, учествуваше на финална конференција за Системот за електронска размена на податоци (SEED Maintenance II Project), на која присуствуваа генералните директори и високи претставници од Царинските управи од регионот и релевантни претставници на Европската Комисија.
Проектот SEED Mainteinance II project, финансиран од Европската Комисија и предводен од Царинската Администрација на Република Италија завршува на 15 Јули 2016 година. Апликацијата за системска размена на податоци е наменета за размена на податоци по електронски пат помеѓу царински администрации на две соседни држави во реално време и има огромно значење при секојдневното работење на царинските службеници од граничните премини за превенција на шверц, криумчарење, корупција и осигурување на точна пресметка и наплата на увозните давачки.
За време на Конференцијата, на тркалезни маси се евалуираа резултатите од проектот постигнати во претходните години, а беше претставена и можноста за обезбедување на средства за поддршка и продолжување на одржувањето на SEED апликацијата во иднина преку New project SEED Maintenance and development (нов проект SEED одржување и развој) . Во оваа пригода директорот на Царинска управа на Република Македонија ги презентираше досега постигнатите резултати и развојот на апликацијата во Република Македонија и укажа на дел од идните предизвици со кои ќе треба да се соочи новиот проект за одржување и развој на Системот за електронска размена на податоци.