„Подготовка на потребните документи за воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски денеска се обрати на официјалната промоција на проектот „Подготовка на потребните документи за воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“на која се разгледуваше институционалната рамка за можните опции за управување со отпад и можните локации за изградба на регионални депонии.

„За Источниот и Североисточниот плански регион веќе се реализирани три проекти од ИПА програмата, во рамките на кои се изработија Регионални планови за управување со отпад, техничка и тендерска документација за затворање на нестандардните депонии и технички спецификации за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад. Со започнување на овој проект, ќе се заокружи целиот циклус на подготовка како на планската, така и на тендерската документација и веќе во 2017 година, преку ИПА 2 програмата, ќе бидеме подготвени да аплицираме за инфраструктурни проекти, со кои би се финансирала изградбата на две регионални депонии и трансфер станици“, изјави заменик министерот Темелковски.

Од проектот ќе произлезат:

– студии за изводливост, со кои по направената споредбена анализа на можностите ќе се избере најсоодветното решение;

– анализи на трошоците и придобивките, кои ќе содржат пресметка на разликата помеѓу средствата кои се потребни и оние кои ќе може да се добијат од ЕУ преку грант; и

– студии за оценка на влијание врз животната средина.

Воедно, ќе се обезбеди помош при пополнување на Апликациите за ИПА за изградба на избраните објекти за третман и отстранување на отпадот, ќе се подготви детален проект со финансиска конструкција и ќе се обезбеди помош при подготовка на тендерските досиеја за договорите за изведба, согласно процедурите на ЕУ.

На настанот се обрати и претставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Мауро Ди Вероли, презентација одржа лидерот на проектот, Андонис Мавропулос, a учество земаа градоначалниците од Источниот и Североисточниот регион кои со своите дискусии допринесоа за поефективни решенија за отворените прашања во врска со проектот.

Координатор на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање, истиот е финансиран од Европската Унија, а негов имплементатор е конзорциумот на ЕПТИСА и ЕПЕМ.

zamenik2