Денес во Скопје се одржа билатерална средба помеѓу Царинските управи на Република Македонија и Народна Република Кина. Состанокот на делегациите предводени од Лу Бин, заменик министер на кинеската царина и директорот Наташа Радеска Крстевска се одржа во насока на зајакнување на соработката помеѓу двете царински служби, воспоставена во рамки на Рамковниот договор за соработка во олеснувањето на царинењето помеѓу Царинските служби на Кина, Унгарија, Србија и Македонија, потпишан во декември 2014 година.
На состанокот се дискутираше за имплементацијата и постигнатите резултати од Рамковниот договор за соработка во олеснување на царинењето и можностите за продлабочување на соработката на повеќе полиња, меѓу кои и полето на царинска контрола и истраги, градењето на оперативните и институционалните капацитети, како и можноста за склучување на билатерална Спогодба за взаемна царинска соработка.
Беше нагласена потребата за успешна соработка помеѓу царинските служби, со цел зголемување на ефикасноста на контролите и истовремено олеснување на трговијата преку заеднички стремеж да се отстранат бариерите за трговија и подобрување на царинските процедури. Заедничка соработка и меѓусебна размена на информации, искуства и најдобри практики значително придонесува за усогласување на царинските постапки, подобрување на прекуграничната размена на стоки и води во насока на постигнување на целите на Светската царинска организација и на Договорот за олеснување на трговијата на Светската трговска организација.