Научен симпозиум „Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“

Кокино како археолошки и астрономски локалитет, идентификуван како обреден простор од бронзеното време и астрономска опсерваторија од истиот период, засега е единствена појава на Балканот, но претставува реткост и во Европа и токму затоа заслужува да биде предмет на меѓународно вреднување и да биде ставен под соодветен траен режим на заштита …

Во просториите НУ Археолошки музеј на Македонија денеска се одржа првиот ден од дводневниот меѓународен научен симпозиум со наслов „Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“.

Кокино како археолошки и астрономски локалитет, идентификуван како обреден простор од бронзеното време и астрономска опсерваторија од истиот период, засега е единствена појава на Балканот, но претставува реткост и во Европа и токму затоа заслужува да биде предмет на меѓународно вреднување и да биде ставен под соодветен траен режим на заштита. Затоа со одлука на Владата на Република Македонија, локалитетот Кокино е прогласен за културно наследство од особено значење, во подкатегоријата исклучително значење“, рече во обраќањето заменик министерот за култура Драган Недељковиќ.

Директорката на музејот Весела Честоева рече дека археолошките истражувања на локалитетот Кокино континуирано се одвиваат веќе 15 години. – Па токму поради тоа оваа јубилејна година се организира оваа меѓународна конференција, со единствена цел да се споделат искуствата и паралелите преку еден археолошко-астрономски аспект, нагласи Честоева.

За целите на симпозиумот поставена е и изложбата составена од 26 фотографии под наслов „Кокино – мистичен шепот низ вечноста“ на познатиот уметнички фотограф Љупчо Илиевски, која што наредните две недели ќе може да се посети во просториите на археолошки музеј.

Научната дебата денеска заврши со музејска тура за гостите низ поставката на НУ Археолошки музеј на Македонија.

Симпозиумот утре продолжува со програмата во Куманово, каде во НУ Музеј Куманово ќе биде отворена и археолошка изложба „Кокино – тврдина на Сонцето“.

Симпозиумот се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, а во соработка со Музеј на Куманово, Филозофскиот Факултет и Катедрата за Историја на уметност и Археологија и Природнонаучниот факултет и Катедрата за Физика, а е по повод јубилејните 15 години од почетокот на првите археолошки истражувања на локалитетот „Татиќев Камен“, денес познат како археоастрономски локалитет Кокино.

zamenik_2-001