Денес, во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес-конференција по повод започнувањето на Училишниот спортски камп 2016 година кој ќе се одржи во Охрид во две смени започнувајќи со првата смена од 27 јуни до 2 јули и втора смена од 4 јули до 9 јули.
На прес-конференцијата се обратија директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, претседателот на Федерацијата за училишен спорт на Македонија Александар Туфекчиевски и координаторот на кампот проф. д-р Зоран Радиќ.
Директорот Спасески истакна дека училишниот спортски камп преставува награда за најдобрите од училишните спортови.
„По започнувањето со акцијата за формирање на училишни спортски клубови во сите училишта, каде што околу 35 илјади ученици од основните и средните училишта секоја година се натпреваруваат меѓусебно низ училишните натпревари, како награда по завршувањето на учебната година најдобрите одат на УЧИЛИШНИОТ СПОРТСКИ КАМП“. – истакна Спасески.
Тој додаде дека училишниот спортски камп кој покрај спортскиот дел, има и инклузивен дел.
„Училишниот спортски камп кој покрај спортскиот дел, има и инклузивен дел каде учениците спортисти имаат можност да се дружат и со познатите македонски спортски имиња, а ќе имаат и можност да ги посетат и културните знаменитости на градот Охрид. Свои предавања на кампот ќе одржат големите спортски имиња како Марин Докузовски, Пепи Манасков, Јошко Миленковски, Зоран Бошковски-Чоко, Бранимир Јовановски и други“. – додаде Спасески.
Исто така Спасески посочи дека најповолното место за развој на спортот од аспект на масовноста и од аспект на квалитетот се училиштата и во таа насока Агенцијата за млади и спорт и во иднина ќе продолжи да реализира вакви проекти.
„Со единствена цел да се овозможат вистинските предуслови, младите и талентирани спортисти од училишните клупи да продолжат да се занимаваат со спорт професионално и да станат репрезентативци на Македонија вложуваме во делот на училишниот спорт. Со ова докажуваме на дело дека се грижиме за нашите ученици-спортисти, за нивниот правилен психофизички развој, но истовремено ја валоризираме нивната заложба и ги наградуваме нивните резултати кои ги постигнаа во училишните спортски лиги“. – заврши Спасески.
Претседателот на Федерацијата за училишен спорт на Македонија проф. д-р Александар Туфекчиевски и координаторот на кампот проф. д-р Зоран Радиќ во своите говори заеднички заклучија дека најдобрите ученици спортисти кои ќе бидат заедно на кампот ја претставуваат иднината на македонскиот спорт и воедно, додадоа дека со вложувањата во училишниот спорт се вложува во спортската иднина на Македонија, која воедно претставува основна база за развојот на спортот.
Прес-конференцијата се искористи и да се испрати екипата на средното општинско училиште „Никола Карев“ од Струмица на Светското првенство во одбојка каде што ќе настапуваат 32 екипи од целиот свет.