Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, викендов потврдија двете најголеми политички партии во Македонија се подготвени за избори и повикаа тие да се одржат што поскоро. Според поранешниот премиер и лидер на владејачката партија, на тој начин ќе се скратат штетите што ги трпат економијата и граѓаните.
Од обраќањата на двајцата лидери се добива впечаток дека изборите се веќе договорени и оти останува само да се прецизира датумот за нивно одржување.
Медиумите шпекулираат дека датумот за избори ќе се договара на средбата со американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд, која би требало да допатува во Скопје на почетокот на јули.
Лидерот на владејачката партија, во обраќањето на 25. конференција на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека неговата партија е сигурен победник на следните избори, кога и да се одржат.
„Колку подоцна се одржат, поголема ќе е казната за СДСМ поради овие негови политики и штети што ги прави на сите граѓани. Во наредните четири или десет месеци, како и да е, Македонија ќе стави крај на оваа политичка игра и на политичката хајка. Избори ќе има и довербата ќе ја добие повторно ВМРО-ДПМНЕ “– посочи Груевски.
Лидерот на опозицијата, пак, рече дека СДСМ е подготвен за избори, но дека претходно мора да се исполнат клучните услови.
„Ние сме единствената партија што во декември донесе изборна програма на конгрес, подготвена со формиран штаб да влезе во изборни активности… Ако народот одлучи да му ја даде честа на СДСМ како прворангирана партија во Македонија, да, секако ќе ја зграпчам оваа чест да покажам резултат“ – рече Заев.
Според него, фер и веродостојни избори се можни и наесен, доколку се исполнат двата услови од Договорот од Пржино – прочистување на избирачкиот список и регулирање на медиумите.
„Не сака власта да ги тргне своите политички канџи што ги има ставено врз Советот на Агенцијата за медиуми и врз МРТВ. Дадовме и други иницијативи, сè со конечна цел – побргу да заврши оваа криза преку регуларни, фер и демократски избори“ – рече Заев.
Извор: meta.mk