Со инвестиција во вредност од 15 милиони денари се врши промена на постоечките лифтови во државните студентски домови.
Предвидена е промена на вкупно осум лифтови, од кои два се во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, каде што денес увид во активностите изврши заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
„Ова ќе биде исклучително значајно за сите студенти зошто во минатото се соочувавме со проблеми околу функционалноста на лифтовите кои главно беа дотраени. Токму заради тоа како Влада и Министерство донесовме одлука да извршиме комплетна замена на лифтовите во сите студентски домови во Република Македонија“, потенцира Ристовски.
Инвестицијата е во рамки на поширокиот Акциски план на Владата и Министерството за образование и наука за унапредување на инфраструктурните услови во студентските сместувачки капацитети и истата треба да биде завршена пред почетокот на новата академска година.