Граѓаните и компаниите од 1 август годинава при барање услуги од администрацијата нема да одат од шалтер на шалтер и да носат документи и докази освен оние кои државата не ги поседува во својата евиденција. Тоа во нивно име ќе го прават административните службеници кои службена должност се обврзани да ги обезбедат во рок од три дена.
Таа новина е предвидена со новиот Закон за општа управна постапка (ЗОУП) и усогласените со него 168 материјални закони од областите што уредуваат управни постапки и јавни услуги, што треба да стапат во сила за еден месец.
Според министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска, од граѓаните и компаниите ќе се бараат само докази кои се од личен карактер како што се лекарски потврди, договори за купопродажба, за закуп, градежни елаборати. Нема да се доставуваат потврди, уверенија, изводи, решенија, одлуки, лиценци, дозволи и одобренија кои во своите евиденции веќе ги поседуваат министерствата, државните органи, правните и физички лица со јавни овластувања, како и општините.
„Службеникот кој во рок од три дена во име на граѓаните или компаниите нема да ги побара или достави бараните докази ќе биде казнет со глоба од 25 евра за секој предмет кој го работи. Со ваквиот начин на работа ќе се заштедат време и средства за граѓаните и компаниите кои ќе немат обврска да одат од шалтер на шалтер и кои ќе плаќаат на една, а не на десетици уплатници за различните документи неопходни како докази во конкретна постапка“, рече денеска на прес-конференција Арсовска-Томовска
Наведуваќи пример рече дека при постапка за добивање паричен додаток за помош и нега на друго лице ќе се дава на увид документ за докажување на идентитет, додека уверението за остварени годишни приходи ќе се набавува по службена должност од УЈП, а медицинските потврди кои се добиваат од матичен лекар преку системот мој термин граѓанинот само ги приложува.
Арсовска Томовска апелира граѓаните и компаниите во иднина да не поднесуваат докази и податоци кои ги поседуваат јавните органи освен ако самите сакаат да го направат тоа односно да ги достават само документите кои не произлегуваат од службената евиденција на јавните органи. За секоја постапка ќе има пропишен образец на барање на која таксативно ќе бидат наведени документите кои треба и кои не треба да бидат приложени.
Новина од ЗОУП е и обврската јавните органи податоците и документите да ги разменуваат во електронска форма. Без оглед на кој начин органите ќе комуницираат меѓусебе, потенцира ресорната министерка, останува законската обврска во рок од три дена да се бараат и во рок од три дена да се доставуваат овие документи.
Со Законот првпат се воведува и можност за правна заштита за услуги од општ интерес, како телекомуникациски услуги, комунални услуги и слично. Во случај на недобивање услуга со определен кавалитет и определен временски рок граѓанинот ќе има право да поднесе приговор за кој надзорно тело ќе носи конкретен управен акт со кој ќе може да се води управен спор. Ќе може да се води редовна судска постапка за евентуален надомест на штета или каков било друг надомест како последица од неиспорачаната услуга.
Според Арсовска-Томовска, примената на новиот ЗОУП ќе бара промена во сфаќањата и нов пристап во работата на администрацијата. Со овој Закон, истакна, ќе се случи најголемата промена во работата на јавната администрација во последните 80 години. Со него се заменува претходниот ЗОУП кој со мали измени беше во примена од 1930 година. Надзор на новите законски одредби ќе вржи Државниот управен инспекторат кој ќе поведува прекршочни постапки за непочитување на законите и законските рокови, а незадоволните граѓани и компании, како што рече Арсовска-Томовска, ќе можат да поднесуваат претставки.