Димитриев: Повеќе средства за ФЗОМ со ребалансот на Буџетот

Претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев денеска беше во посета на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), како дел од редовните посети по владините институции со цел да се запознае со тековното работење, да ги согледа предизвиците со кои се соочуваат и да договори решенија што би биле дел од владините политики.

„Од страна на раководниот тим на ФЗОМ бев детално избрифиран за активностите на Фондот, за финансиското работење и за проектите кои во иднина ќе бидат реализирани. Од она што го видов можам да кажам дека најважната работа за Владата и за Фондот – стабилноста во финансирањето на здравствените услуги ќе функционира и понатаму. ФЗОМ е меѓу ретките институции кои со постојниот ребаланс на Буџетот добиваат поголеми финансиски средства. Тоа го потврдува нашиот однос кон здравството и овој сегмент од функционирањето на државата како нешто што е приоритетно“, изјави Димитриев по посетата.

Посочи дека Владата и во иднина ќе го помага Фондот со дополнителни средства кои, како што рече, од нивна страна ќе бидат трансферирани како дополнителни услуги кон граѓаните.

„Фондот има склучено договор со преку 3.200 правни субјекти што само по себе ја потврдува сериозноста на оваа институција и во тој дел мора да се поддржани со соодветни финансиски средства“, потенцира Димитриев.

На средбата станало збор и за зголемувањето на капитацијата за матичните доктори од 1 јули за 10 отсто.

„Ова зголемување ќе значи подобра финансиска кондиција на примарното здравство. Зголемувањето на капитацијата за матичните лекари уследи по зголемувањето на капитацијата на стоматолозите на почетокот од годинава. Овие две мерки внесуваат дополнителна енергија во делот на примарното здравство“, рече Димитриев.

Дискутирале и за информацискиот систем, за новите услуги што ги нуди Фондот, за политиките за ин витро оплодување,…

„Досега, според пресметките на ФЗОМ, околу 15 милиони евра останале кај граѓаните по преземањето од страна на Фондот, услугата ин витро да биде на товар на државата. Веќе се одобрени и три апликации за ин витро за трето дете што покажува дека има голем интерес за услугата,“ рече Димитриев и нагласи декаи во иднина ќе се продолжи со помагање на лицата кои сакаат на овој начин да го зголемат семејството.

Директорот на ФЗОМ Сашо Стефаноски прецизира дека денешната средба била искористена на премиерот да му се објаснат политиките на Фондот и степенот на реализација на проектите кои се во надлежност на ФЗОМ.

„Параметрите на половина од годината се добри за Фондот. Може да кажеме дека динамиката на реализација на проектите се одвива согласно нашите планови и нашите проекции. Исклучително е значајно што со ребалансот ќе добиеме дополнителна финансиска инјекција во Буџетот на ФЗОМ. Тоа ќе обезбеди финансиска стабилност на секторот, осигурување на социјалните трансфери и навремена исплата на породилните боледувања и останатите боледувања, а ќе значи и дополнително давање права на нашите граѓани, како и имплементирање на нови методи и услуги во здравствените установи,“ изјави Стефаноски.

За ин витро постапката истакна дека е еден од стратешките приоритети на ФЗОМ и додаде дека на премиерот детално му ги објасниле нивните политики во тој дел.

„За поздравување е фактот што се поголем број на граѓани коишто имаат проблем со зачнување по природен пат го препознаваат проблемот и побрзо се одважуваат да поднесат барање до ФЗОМ. Во првите шест месеци од годинава има 15-процентно зголемување на поднесени и одобрени барања за ин витро за прво и второ дете во однос на 2015 година, а годинава првичниот ефект го доби и мерката за бесплатно ин витро оплодување на трето и четврто дете“, рече Стефаноски.

За зголемувањето на капитацијата за матичните лекари и стоматолози посочи дека Фондот ќе го чини околу 180 милиони денари на годишно ниво за лекарите и 75 милиони за стоматолозите. За матичните лекари ФЗОМ сега ќе исплаќа по околу 2 милијарди денари годипшно, а за матичните стоматолози 600 милиони денари.

„Вкупно ФЗОМ за примарна здравствена заштита на субјектите со кои има склучено договор исплаќа околу 2,9 милијарди денари на годишно ниво“, рече Стефаноски.

Директорот на ФЗОМ Орхан Рамадани истакна дека со ребалансот се предвидени средства за зголемување на буџетот на Фондот кој, како што кажа, историски во 2016 година е најголем досега и изнесува 25,570 милијарди денари, а со ребалансот ќе биде зголемен на 26 милијарди денари.

– Во последниве 10 години буџетот на ФЗОМ е зголемен за речиси 100 проценти, односно од 13 на 26 милијарди денари, прецизира Рамадани.