Денес на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се одржа тематска расправа која произлегува од рамките на заедничките програмски активности на Агенцијата за млади и спорт и Факултетот за физичко образование – Институт за научна поддршка на спортот, а се однесува на анализа на состојбите со стручните кадри во националните спортски федерации во Република Македонија. Основен акцент беше ставен на предлози за развојни компоненти на едукација, организирање и делување во спортот.
„Агенцијата за млади и спорт во своите програмски определби и секојдневни комуникации постојано го нагласува ставот дека целосно ја почитува самостојноста на националаните спортски федерации, барајќи, од нив да ја почитуваат националната регулатива со која се уредува дејноста спорт. Република Македонија, во своите определби постојано дава поддршка на едукација на тренерите во спортот и навремено превзема одредени активности. Денес, се соочуваме со аргуемнтот дека во рамките на современите концепти потребно е надградување на образовниот систем за едукација на тренери во Република Македонија. Наша определба е да обезбедиме услови за успешна двојна кариера на нашите млади спортисти, обезбедувајќи им услови за успешна спортска кариера и во исто време подготвувајќи им простор и за градење на професионална кариера, како активни тренери во клубвите. Овој модел очекуваме да придонесе да се зголеми квалитетот и квантитетот на тренерскиот кадар во Република Македонија“, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Тој додаде дека Агенцијата за млади и спорт препорачува, националните спортски федерации и клубовите кои настапуваат на меѓународна спортска сцена при ангажирање на тренери од странство да го почитуваат принципот: да се носат едуцирани и проверени тренери, како можност за брз трансфер на знаења од меѓународниот спорт, почитувајќи ги меѓународните стандарди и искуствата во оваа дејност. Сево ова во соработка со Факултетот и Институот за стручна и научна поддршка на оваа проблематика, ќе овозможи за многу скоро време да понудиме и нова иницијатива и законска рамка за тренерите, притоа јасно дефинирајќи ги условите, компетнциите, правото на работа и секако задолжителното воведување на лиценцен систем.
Наша цел е денешнава јавна расправа да придонесе за дефинирање на јасни и прецизни заклучоци, за уредување на најважниот сегмент во спортот, а тоа се стручните лица, односно едукацијата на тренерите кои работат во спортскиот систем и придонесуваат за неговиот развој, изјави Проф. Др. Вуица Живковиќ.