Зголемување на стапките на специфичната и минималната акциза на цигарите и тутунот за пушење

Согласно одредбите од Законот за акцизите од 1 јули 2016 година стапките на специфичната и минималната акциза на цигарите и тутун за пушење како фино сецкан тутун се зголемуваат.

Од 1 јули 2016 година акцизата за цигари ќе изнесува 1,853 денари по парче цигара. Ако комбинирана акциза е под износот од 2,053 денари по парче се применува акциза од 2,053 денари по парче. Акцизата на тутун за пушење како фино сецкан тутун ќе изнесува 1.650,00 денари по килограм.

Во врска со овие измени, производителите и увозниците на тутунски добра треба:

· на денот на почетокот на примена на зголемувањето да направат попис на затечени залихи на тутунски добра обележани со контролни марки, без контролни марки и затечените залихи на подигнати контролни марки во акцизни складови или складови на увозникот или во други нивни простории и да подготват записник за извршениот попис и

· да ја пресметаат зголемената акциза на вкупната затечена залиха и да достават барање за доплата на акциза заедно со направената пресметка и записници, доколку акцизата на денот на извршениот попис е поголема од платената акциза за подигнатите контролни марки.

Овластените дистрибутери на производителот и увозникот на тутунски добра треба:

· на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за тутунски добра и на денот на почетокот на примената на зголемената малопродажна цена да направат попис на затечени залихи на тутунски добра во своите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со нив поврзани друштва и да подготват и достават записник од извршен попис до Царинската управа и до производителот или увозникот на тутунски добра, не подоцна од два работни дена од денот на извршениот попис и

· да му ја надоместат разликата во акцизата на производителот и увозникот на тутунски добра за залихата што е во неговите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со него поврзани друштва, при нејзината промена во рок од 30 дена од денот на извршениот попис.

Барањето за доплата, при промена на акциза или при промена на малопродажна цена, заедно со пресметката и записниците се поднесуваат до Царинската управа не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис.