Заменик министерот Муцунски на работен состанок во Охрид за новиот ЗОУП

Градоначалникот Никола Бакрачески заедно со раководителите на секторите од локалната самоуправа и директорите на јавните претпријатија, денес имаше работна средба со заменик министерот за Информатичко опоштество и администрација, Тимчо Муцунски и директорот на Државниот управен инспекторат, Ромео Деребан. Целта на посетата беше разгледувањето на сите аспекти од примената на новиот Закон за општа и управна постапка.

„Целта на овој состанок е претставниците на локалната самоуправа и јавната администрација, поблиску да се запознаат со одредбите на новиот Закон за општа управна постапка, кој ја носи најголемата промена во работата на јавната администрација. Со имплементација на овој закон ќе бидат регулирани повеќе сфери од функционирањето на јавната администрација, ќе се подобри ефикаснота во функционирањето на локалната самоуправа, ќе се подобри меѓуресорската комуникација и сето тоа за резултат ќе има поефикасна администрација и позадоволни граѓани“ – истакна во својата изјава градоначалникот Бакрачески.

Zamminuprpos_4851 (1)

Заменик министерот Муцунски рече дека посетите на единиците на локалната самоуправа е да се види подготвеноста на Управата и помош во надминување на одредени недостатоци пред отпочнувањето на примената на законот од први август.

„Нашата примарна цел е да ги запознаеме единиците на локалната самоуправа со примената на новиот Закон за општа управна постапка кој стапува на сила од први август и има некои специфични одредби кои се од посебно значење како за управата така и за граѓаните, но и за бизнис секторот. Ние стремиме со примената на овој закон да создадеме еден партнерски однос, помеѓу граѓаните, администрацијата и бизнис секторот, да се подигне квалитетот на јавните услуги, учеството во управните постапки да биде побрзо, за што има значително скратување на роковите. ЕЛС, органите на државната управа ќе мораат задолжително сами да прибавуваат одредени документи, а граѓаните за тоа ќе бидат информирани на посебни обрасци со отпочнувањето на постапката. Очекуваме дека примена на новиот закон ќе наиде на позитивни реакции како кај граѓаните, така и кај бизнис заедницата и секако администрација“ – изјави заменик министерот Муцунски.

Директорот на Државниот управен инспекторат, Ромео Деребан посочи дека новиот закон, покрај подобрувањето на ефикасноста на администрацијата, значително ќе придонесе и во експедитивноста и економичноста на постапките.

Zamminuprpos_4852