Заврши обновата на 63 мостови долж македонскиот дел од Коридор 10, реализирана со финансиска поддршка на НАТО и КФОР.
Со проектот за обнова на мостовите, кој заеднички е работен со НАТО, Македонија добива нова и квалитетна инфраструктура на Коридорот 10, рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски на свеченоста по повод завршување на проектот на местото викано Пуста Кула, на автопатот Велес-Скопје.
Мисајловски потсети дека соработката со НАТО командата започна во 2005 година кога Министерството за транспорт и врски и Врховната Команда на Здружените сили на Европа претставени од НАТО штабот во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за поправка на патната мрежа на Македонија.
Санацијата на мостовите се одвиваше во три фази. Во тек на првата беа обновени мостовите на автопатската делница од Катланово до Велес и делницата Скопје-Блаце. Во втората фаза беа опфатени мостовите на делница од Демир Капија до Гевгелија, а во третата, од крајот на 2013 до мај годинава, на делницата Велес-Катланово.
Бригадниот генерал на КФОР Ференц Корум од Унгарските вооружени сили на НАТО, истакна дека ја поддржале обновата на мостовите затоа што Коридор 10 е многу значаен за КФОР и за Република Македонија.
„Овој Коридор е многу значаен за КФОР, претставува главна доставувачка клучка од пристаништето во Солун-Грција, низ Македонија се до граничниот премин со Косово. Задоволен сум од реализација на проектот и се надевам дека од сега реконструираните мостови ќе бидат од полза и на КФОР и на цивилниот сообраќај во вашата земја“, потенцира бригадниот генерал Корум.
Според министерот Мисајловски укажа, санацијата на мостовите е уште еден од многуте инфраструктурни проекти за подобрување на патната инфраструктура во Македонија.
Инвестициите што се реализираат на Коридор 10, потенцира, изнесуваат преку 300 милиони евра.
„Се реконструира делницата од Гевгелија до Смоквица, се гради нова автопатска делница од Смоквица до Демир Капија. Следниот месец ќе почнеме реконструкција на осум километри делница од Демир Капија до Неготино. Завршивме со реконструкцијата на автопатот од Куманово до Скопје, ќе го реконструираме и во другата насока од Скопје до Куманово. Претходно се изгради автопатската делница од Табановце до Куманово, завршивме со реконструкцијата на сите мостови, така што во скоро време ќе добиеме модерен автопат на Коридорот 10 што ќе ги задоволува сите меѓународни стандарди“, потенцира министерот Мисајловски.
Обновата на патната инфраструктура, додаде, е многу значајна за економскиот развој на Македонија, за што Владата почна инвестициски циклус од над милијарда евра за создавање квалитетна патна инфраструктура.