ВМРО-ДПМНЕ: Шарени лаги и шарено насилство не поминуваат

Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати и ОК на ВМРО-ДПМНЕ, во која се вели:

„Незадоволни што шарените лаги не им поминуваат кај народот, СДСМ и шарените платеници се враќаат на старите методи на малтретирање на јавноста преку бесцелни соопштенија.

ВМРО – ДПМНЕ секогаш работи во интерес на граѓаните. Советот на општина Охрид е институција во која се слуша гласот на народот. Потсетуваме дека народот даде огромна поддршка за ВМРО – ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески и ги стави расипниците на СДСМ и приврзок-партиите на вистинското место од политичката сцена. Советниците од советничката група на ВМРО – ДПМНЕ секогаш ги поддржувале и ќе ги поддржуваат проектите и плановите на локалната самоуправа што се во интерес на Охриѓани.

Советниците на ВМРО – ДПМНЕ секогаш гласаат по сопствено убедување и за одлуки исклучиво во корист на граѓаните на Охрид. Редовно се координираат нивните дејствија и ставови за комплетно исполнување на програмата понудена на изборите и поддржана од најголемиот дел од Охриѓани. Овој начин на делување сигурно е непознат за советниците на СДСМ и приврзок-партиите, кои одлуките на Советот ги договараа во кафани по државата и странство, за сопствени материјални интереси, дебели „хонорари“ и на сметка на Охрид и Охриѓани.

Коментарите за некаков раздор и неединство во ВМРО – ДПМНЕ, особено во Охрид, ќе беа смешни ако не се мизерни. Гладна кокошка просо сонува! Единството во ВМРО – ДПМНЕ и огромната поддршка што ја имаме од народот ги иритира и ги доведува до очај платениците од СДСМ, нивната т.н. шарена револуција пропаѓа со секој поминат ден и секоја политичка одлука на нивниот партиски огранок наречен СЈО.

Народот е умен и не заборава. Шарени лаги и шарено насилство не поминуваат. Се спрема најголемиот пораз за платеничката револуција и СДСМ. Народот е со ВМРО – ДПМНЕ!“ – стои во реакцијата.