Премиерот Емил Димитриев денеска апелира на конструктивност од сите политички партии за да се надмине политичката криза во земјава. Димитриев вели дека партиите имаат средби на разни теми и се надева кога ќе оценат оти постои суштина и оправданост ќе дојде до нова лидерска средба за надминување на политичката криза.
„Како претседател на Владата јас се надевам дека и апелирам сите партии да имаат максимална конструктивност се со цел што побрзо да заврши оваа политичка криза која има негативни последици и по економијата и по другите сфери на општетсвеното живеење. Ние како Влада работиме максимално посветено на нашите програмски определби кои значат подобри стандарди во сите области на човековото живење, така што очекувам и партиите со својата конструктивност да придонесат да излеземе од оваа криза,“ рече Димитриев одговорајќи на новинарски прашања по денешната посета на фабриката „Милина свитс“ во Индустриската зона во Штип.
Премиерот, Димитриев денеска заедно со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директор на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски беа во посета на фабриката „Милина свитс“ во Индустриската зона во Штип, со што официјално од денеска стратува и владиниот проект „Македонија вработува 2“.