Министерството за здравство одлучи да распише и нов трет оглас за т.н. кофинансирани приватни специјализациии, кој ќе биде објавен утре и преку него ќе се обидеме да обезбедиме 47 матични гинеколози за цела држава, истакна денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.
Тој рече дека подолг временски период се обидуваат да го пополнат недостигот од гинеколози на сите нивоа, а прв фокус им бил да го пополнат недостигот од гинеколози на терциерно и секударно ниво на здравствена заштита односно во клиниките и во болниците.
– Во голема мерка тоа успеавме да го направивме, ги пополнивме тие места и добар дел од овие доктори се примени, се веќе на специјализација, или се во завршна година, или се веќе завршени. Но, остана еден сериозен сегмент на т.н.матични гинеколози кои во државата се во недоволен број односно има вкупно 138 и заради тоа се одлучивме да обајвиме трет оглас за кофинансирани специјализации за нови 47 гинеколози или специјализации по гинекологија со што практично за 34 проценти ќе го зголемиме вкупниот број матични гинеколози во целата држава, посочи Тодоров.
Според него, тоа ќе овозможи сериозно да се доближиме до европскиот висок стадард на број на гинеколози во однос на жени во репродуктивна возраст. Тој стандард, појасни, е нешто над 3.000, а ние со овие 47 гинеколози кои ќе завршат ќе дојдеме до 3.500 жени во репродуктивна возраст на еден гинеколог што ќе биде солиден висок европски стандард.
Потенцира дека на овој начин заедно со постојните гинеколози кои ги имаме, би имале 185 матични гинеколози во земјата со што ќе се доближиме до високиот европски стандард.
– Со помош на податоците од МојТермин изготвивме детална анализа на потребата од матични гинеколози согласно бројот на жени во општините. Според овие податоци, 163.676 жени над 14 години немаат избрано матичен гинеколог. Ова е сериозен проблем во здравствениот систем. Со овој оглас се трудиме да обезбедиме не само поголем број гинеколози туку и подобра распределност на територијата на Македонија. Затоа ги распишуваме огласите по градови или по општини, рече Тодоров.
Нагласи дека специјализацијата ќе биде со висок процент на финансирање (90 отсто) што значи дека очекуваат сериозен интерес од страна на специјализантите, кои треба да платат само 10 отсто од сумата на специјализацијата.
Сите кои ќе се запишат на кофинансирана специјализација, информира Тодоров, по нејзиното завршување имаат загарантиран договор со ФЗОМ и приход загарантиран во износ од 1.000 поени еквивалентно на 1.000 пациенти во времетраење од три години. Посочи дека тоа помага на докторите со отворањето на гинеколошката ординација да немаат финансиски потешкотии во управувањето со неа, а бенефит е и рамномерната распределеност на гинеколозите на цела територија на држава.
„Распишуваме оглас за кофинансирани специјализации и за места каде нема гинеколози и тоа: за Арачиново, Боговиње, Босилово, Брвеница, Василево, Врапчиште, Долнени, Желино, Јегуновце, Крушево, Липково, Чучер Сандево, Македонски Брод, Ново Село, Студеничани, Теарце, Чашка, Шуро Оризари, Демир Хисар, Демир Капија и Бутел“, истакна Тодоров.
Укажа дека во овие места покрај загарантираниот приход од ФЗОМ во висина од 1.000 пациенти, Министерството за здравство во посебна програма ќе обезбеди посебен дополнителен стимуланс во висина од 15.000 денари месечно, а идејата е да ги стимулираат докторите да се пријават за овие населени места.
„Со оваа дополнителна стимулација од 15.000 денари ќе овозможиме околу 90.000 жени во овие региони да добијат матичен гинеколог во нивното место на живеење. Тоа е сериозен исчекор напред во овој правец и очекуваме доколку се јават заинтересирани лекари ова да биде едно сериозно системско решение и стратешки пристап на еден долгогодишен проблем кој се провлекува во здравствениот систем,“ рече Тодоров.
Појасни дека објавуваат и кофинансирани специјализации за населени места каде има мал број гинеколози: Аеродром, Карпош, Ѓорче Петров итн.
„Со овој оглас опфаќаме уште една значајна специјалност, а тоа е медицинска нуклеарна физика. За таа цел, доделуваме 4 кофинансирани специјализации за медицинска нуклеарна физика, за следните јавни здравствени установи: ГОБ „8 Септември“, Клиничка болница Штип, Клиничка болница Битола, и Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, “нагласи Тодоров и додаде дека и тоа е дефицитарна струка и има недостиг од специјалисти и затоа сакаат постепено да го зголемуваат бројот и во овој сегмент.
Новиот трет оглас за кофинансирани приватни специјализации за нови 47 гинеколози ќе биде објавен на веб страната на Министерството за здравство.