СВР Скопје-Единицата за недозволена трговија со дрога поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје против Г.Н.(33) и Ф.М.(25), од Свети Николе поради постоење основи на сомнение дека неовластено набавиле наркотична дрога марихуана, наменета за улична продажба на уживатели во Свети Николе.
За стореното кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 од КЗ на РМ од страна на судија на претходна постапка на Г.Н. одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена, додека на Ф.М. одредена му е мерка-обврска да се јавува во суд.
Првопријавениот заедно со второпријавениот на 16.06.2016 година од засега непознати лица, за сума од 800 евра , набавиле наркотична дрога марихуана со нето маса од 997,4 грама при што околу 18,00 часот на наплатна рампа Петровец од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога било пристапено кон сопирање на ПМВ марка „Хонда Цивик“ со светиниколски регистарски ознаки, каде на возачот Г.Н. му биле дадени јасни наредби за застанување, но истиот не ја почитувал наредбата, го стартувал возилото и удрил во полицискиот службеник со намера да го прегази.
Откако пријавените се дале во бегство во правец кон Аеродромот „Александар Велики“ од страна на полициските службеници од Единицата возилото веднаш било проследено, каде после наплатната рампа во правец кон Куманово, второпријавениот Ф.М. од неговиот прозор исфрлил една жолта ќеса со наркотична дрога марихуана покрај самиот магистрален пат. По неколку километри возилото било сопрено, двајцата се приведени по што со истите бил извршен службен разговор во кој тие делумно го појасниле начинот на извршувањето на кривичното дело.