Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Република Франција, официјално беше потпишан Договорот меѓу Република Македонија и УНЕСКО за основање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје како Институт од втора категорија под покровителство на УНЕСКО со фокус на подготвеност кон катастрофи и намалување на последиците од нив.
Договорот во името на Република Македонија го потпишаа в. д. амбасадорот на Република Македонија во Париз, Габриел Атанасов и генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова.
Со востанувањето на овој центар, нашата земја ќе даде свој придонес во насока на преземање превентивни мерки од природните катастрофи – земјотреси како во регионот, така и на глобално ниво. Со досегашното високопрофесионално работење на ИЗИИС и неговата висока стручност, која е потврдена во практика на меѓународно ниво, ќе се придонесе во заедничките заложби на УНЕСКО.