Охрид домаќин на Летен спортско едукативен камп за млади

Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите, сите за спорт“ го најавува организирањето на Летен спортско едукативен камп кој за прв пат ќе се одржи оваа година во Охрид и тоа почнувајќи од денес (7 јули) и ќе трае седум дена се до 13ти јули во хотел Десарет.

На него учествуваат 70 деца од Охрид, Скопје, Битола и Крагуевац (Р. Србија).

„Целта на кампот, кој претставува почеток на една традиција која ние охриѓаните за жал сме ја подзаборавиле во минатите години, е обновување на социјализирањето, едукацијата и спортувањето на нашите деца со децата од Македонија и пошироко од балканските простори. Летниот камп ќе биде исполнет со многу спортски, забавни и едукативно – образовни активности со дополнителен акцент на презентацијата на нашето природно, културно и историско богатство.

Интернационалниот карактер што го имаме уште во првата година на кампот претставува чекор поблиску во реализацијата на нашата визија, која ја имаме пред се за децата од Охрид, а тоа е Охрид град на Спортот и дружењето, ни говори дека сме на вистинскиот пат, пат на кој сме убедени во иднина ќе имаме уште многу повеќе поддржувачи како од нашиот град така и од многуте држави од балканот и пошироко.“ –  велат од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите, сите за спорт“.

Се покануваат сите граѓани да се приклучат на официјалната facebook страна (Спортски летен камп Охрид 2016) и да ги следат сите активности кои ќе се реализираат за време на деновите на кампот.