Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев информираше дека Владата на Република Македонија започна со реализација на проектот содржан во Законот за поддршка на домашната музичка продукција, проект кој значи финансирање на домашни музички композиции. Владата на минатата седница го усвои и Акцискиот план за реализација со кој започна реализацијата.
Владата утврди дека со средства од Буџетот на Република Македонија, а по пат на конкурси секоја година ќе финансира создавање на 200 нови композиции, од кои 150 се од областа на забавната и народната музика и 50 се детски композиции.
Конкурсите на кои музичарите ќе може да аплицираат ќе бидат распишувани четири пати во текот на годината, бројот на избрани песни кои ќе бидат финансиски поддржани во рамките на еден квартален конкурс ќе зависи од квалитетот на музичките композиции со кои се аплицира, но на годишно ниво треба да се застапи бројката од 200 песни.
Средствата од Буџетот ќе се користат врз основа на Програма за поттикнување на развојот на домашната забавна и народна музика, која на предлог на Министерството за култура, ја донесува Владата.
Формално правно реализатор на проектот ќе биде ЈП Македонска радио-телевизија-Скопје, преку која ќе се врши финансирање на создавање нови композиции во следните категории:
- Категорија „таленти“ – 10 композиции годишно;
- Категорија „афирмиран изведувач“ (изведувач кој има издадено 1 албум или 10 синглови) – 20 композиции годишно;
- Категорија „истакнат изведувач“ (изведувач кој има издадено 2 албуми или 20 синглови) – 35 композиции годишно;
- Категорија „врвен изведувач“ (изведувач кој има издадено 2 албуми или 20 синглови и има одржано солистички концерт) – 37 композиции годишно;
- Категорија „ѕвезди“ (поим кој е дефиниран со прецизна формула во самиот закон, а зависи од број на одржани солистички концерти, добиени награди и слично..) – 28 композиции годишно;
- Категорија „композиции со кои се афирмираат семејните вредности во општеството или многудетните семејства“ – 10 композиции годишно;
- Категорија „композиции со кои се афирмира историјата на Македонија – 10 композиции годишно и
- Категорија „детски композиции“ – 50 композиции годишно.
Во категориите од точка 1 до точка 7, годишно ќе се финансираат по 75 композиции од областа на забавната музика и по 75 композиции од областа на народната музика. При изборот за финансирање на композициите ќе се води сметка за соодветната и правичната застапеност на заедниците кои живеат во Република Македонија.
Композиции избрани на конкурсот во категориите „таленти“, „афирмиран изведувач“, „истакнат изведувач“, „врвен изведувач“, „композиции со кои се афирмираат семејните вредности во општеството или многудетните семејства“ и „композиции со кои се афирмира историјата на Македонија“ ќе се финансираат со средства во износ од 3000 евра, од кои 1500 евра се за создавање на композицијата и за изработка на аудиозапис на композицијата, а 1500 евра се за изработка на видеозапис за композицијата.
Композиција од категоријата „детски композиции“ ќе се финансира со средства во износ од 400 евра наменети за создавање на композицијата и изработка на аудиозапис за композицијата.
Композиција од категоријата „ѕвезди“ ќе се финансира со средства во износ од 4500 евра, од кои 3000 евра се за создавање на композицијата и за изработка на аудиозапис на композицијата, а 1500 евра се за изработка на видеозапис за композицијата.
За реализација на проектот по основ на финансирање на 200 композиции годишно ќе бидат издвојувани околу 500 000 евра.
Во однос на методологијата на реализација на проектот, Владата при усвојување на Акцискиот план овозможи овој проект да се карактеризира со силна транспарентност во сите фази од проектот, и со учество во самата реализација на лица кои партиципираат во музичката индустрија, и кои ќе бидат директно вклучени во изборот на песни и изведувачи кои ќе бидат финансиски поддржани.
Во текот на месец октомври ЈП МРТВ ќе објави јавен повик за подготовка на листа, од која ќе се избираат членовите на Комисијата која ќе учествува во постапката за одлучување по конкурсот за финансирање на композициите, и кој ќе трае 30 дена. На овој јавен повик може да аплицираат автори на музички дела (музика, текст и аранжман), изведувачи, продуценти на аудиозапис односно продуценти на видеозапис и музички уредници во радиодифузни организации, значи лица од самата музичка индустрија. Од апликантите ќе биде составена листа од 50 лица од кои во втора фаза ќе се избере самата Комисија во понатамошните фази.
Во текот на месец јануари 2014 година ЈП МРТВ ќе објави јавен конкурс за создавање на нови музички композиции, кој ќе трае 30 дена. На него ќе може да аплицираат музички изведувачи, кои согласно законските прописи и согласно категориите во законот треба да достават композиција која ќе е предлог за финансирање. Единствено категоријата „ѕвезди“ ќе се пријавува на конкурсот само со своето име и презиме, а не со композиција, затоа што се смета дека музичарите од оваа категорија и нивните тимови можат да направат музичко дело со соодветен квалитет.
По завршувањето на конкурсот ќе се закаже ден во кој ќе се одлучува по однос на конкурсот. Во тој ден, два часа пред почетокот на постапката за одлучувањето, од пошироката листа на Комисијата на 50 музички работници кои се избрани на листата на конкурсот во октомври, по пат на лотарија ќе бидат избрани 5 до 7 лица кои ќе ја формираат Комисијата која ќе одлучува по пристигнатите апликации.
Оваа Комисија во рок од 24 часа од моментот на започнување на постапката за одлучување по конкурсот утврдува дали композициите ги исполнуваат условите од Законот и дава стручно мислење за квалитетот на композициите, и потоа доставува предлог до директорот на ЈП МРТВ, кои композиции и изведувачи треба да бидат прифатени на Конкурсот.
Директорот на ЈП МРТВ, по добивањето на предлогот на Комисијата, во рок од три дена, донесува одлуки во врска со конкурсот за избор на изведувачите односно композициите кои се прифатени на конкурсот и изведувачи и композиции кои се одбиени на конкурсот.
Одлуките во врска со конкурсот ќе бидат објавени на веб-страната на ЈП МРТВ, по што ќе следи склучување на поединечни договори со изведувачот односно со еден од авторите на композицијата за композиции од категоријата „детски композиции“ кои се избрани на конкурсот.
Потоа, во рок од два месеци треба да се сними аудио запис за композицијата и видео запис на композицијата.
Согласно оваа методологија би можело да се очекува веќе во месец април да ги имаме првите производи од овој проект.
Владата ги повикува сите музички работници да земат учество во овој проект, конкурсот е во јануари и претстојат 3 месеци во кои може да се формира тимот, и да се изработи добра композиција со која ќе се аплицира на конкурсот со цел да се овозможи финансирање на композицијата.
На овој начин Владата продолжува со поддршката на домашната музичка продукција, со создавање на културно богатство, и со поддршка на голем број лица кои се во музичката индустрија, изведувачи, аранжери, текстописци, продуценти и останати, со што се поддржува културата и се остваруваат целите за општествен развој за кои е поставен проектот.