Во Велгошти одбележани 115 години од формирањето на првата охридска чета

По повод 115 години од формирањето на првата востаничка чета во охридско, синоќа во атарот на манастирот „Света Петка“ – Велгошти се одржа пригодна свеченост, во организација на МК на ВМРО -ДПМНЕ од Велгошти.

Советникот Илија Арнаудоски во воведниот збор го потенцира значењето на четата како за Велгошти така и за самиот охридски регион.

Претставници на МК на ВМРО–ДПМНЕ – Велгошти, претставници на Урбаната заедица при с.Велгошти и претставници на ОУ „Христо Узунов“ положија свежо цвеќе на спомен плочата.

„Да се одбележуваат вакви значајни празници од нашата историја значи да се почитува нашето достоинство, нашето македонско постоење, нашите корени во историјата, бидејќи ние денес не би биле ова што сме, со сите наши атрибути како нација, како држава. Ако не постоеле такви личности каков што бил Христо Узунов и сите тие македонски револуционери кои и ги поставија основите на ВМРО, основите на Македонската револуционерна организација и кои го формирааа Четничкиот Институт како посебен дел од револуционерната организација, кои имаше за цел да води револуционерна борба за ослободување на Македонија. Токму еден дел од таа револуционерна организирана борба припаѓа на ова село, припаѓа на Велгошти, на манастирот Св.Петка каде Христо Узунов заедно со повеќе првенци од Охрид и од Велгошти ја формираа таа револуционерна чета.“ – истакна Виолета Ачкоска, историчар.

Историчарот Горан Митревски, пред присутните направи еден краток историски осврт на револуционерното дело и неговото развитие во Охрид и охридската околија.

Најголем успех на Охридската револуциoнерна организација е формирањето на револуционерната чета. Свечениот чин се одиграл во манастирот Света Петка, во Велгошти на 6 јули 1901 година. Формирањето на четата во Света Петка не е само поради блискоста до Охрид, туку и поради приврзаноста на Велгоштани кон делото на Организацијата.

Во чест на 80-годишнината од формирањето на првата Охридска револуционерна чета, во манастирот Света Петка 22. XII 1981 година Месната заедница од с. Велгошти откри спомен-плоча.

Инаку на формирањето на четата присуствувале: Христо Узунов, мајката на Христо Узунов, Наум Цветинов, Андреј Христов, Наум Златарев и Никола Костојчинов.

WebOhrid