Медицинскиот симулациски центар доби нова опрема и простор

Медицинскиот симулациски центар е преместен во комплетно нов и целосно опремен простор од 260 метри квадратни, каде се нуди едукација на студентите по медицина и специјализанти, но и на сите вработени во јавното здравство, изјави при денешната посета Министерот за здравство Никола Тодоров.

„Симулацијата како пристап во учењето е одамна правило во развиените и високо рангирани универзитети. Симулаторите кои што ги имаме се најдобрите можни симулатори што ги има во светот и на кои може да се симулираат скоро сите патолошки појави и состојби на човекот“, истакна Тодоров.

Посочи дека станува збор за напредна техника на обучување која што овозможува нашите доктори да бидат сериозно поподготвени за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат и дека досега во центарот се направени преку 2.000 обуки на над 1.000 здравствени работници, особено на вработените во Итната медицинска помош за основни и напредни курсеви за одржување во живот.

„Ангажирани се 93 едукатори, од кои 50 беа на едукација во Турција и дел од обуките што тука се прават се направени со докотори и експерти кои работат во вакви центри во странство. Тоа ни овозможува размена на искуства и подобро позиционирање со што Центарот сериозно добива на значење“, изјави Тодоров.

Симулацискиот центар е основан како установа помеѓу Министерството за здравство, медицинските факултети и лекарската комора на Македонија. Инвестицијата е околу 37 милиони денари од Министерството за здравство и околу 5,6 милиони денари кои се инвестирани во новиот објект и новите простории.