Охриѓанецот Јане Бакрески ќе ја претстави својата „Проширена апстракција“

Вечерва со почеток во 20 часот на Универзитет за информатички науки и технологии Св „Апостол Павле“ ќе биде отворена за разгледување дигиталната арт инсталација „Проширена апстракција“ од охриѓанецот Јане Бакрески.

„Проектот „Проширена апстракција“ чиј концепт созрева веќе неколку години, го поставува прашањето за односот помеѓу традицијата и иновациите во уметноста. Во овој проект, традиционалното апстрактно сликарство добива нови аспекти, „преведено“ преку дигиталниот медиум и компјутерските технологии“, вели Бакрески.

Бакрески е роден 1982 година во Охрид. Тој е визуелен уметник и доцент по визуелни уметности на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Докторирал на Националната ликовна академија 2012 год. во Софија, специјалност „Историја на уметноста и ликовни уметности“.

Уметноста на Бакрески е интердисциплинарна, подеднакво насочена како кон традиционалните ликовни дисциплини, така и кон новиот дигитален медиум и уметничките дела создадени со помош на компјутерските технологии. Тој создава свој личен ликовен сензибилитет потпирајќи се на ликовната традиција, отворен кон нејзина современа парафраза и интерпретација. Неговиот потпис стои и на фрескоживописот во повеќе цркви во Охридско, ги работел и целивалните икони за храмот на „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, како и иконите од апостолскиот ред и крстот на иконостасот во црквата „Св. Јован Богослов“ – Канео во Охрид.

Дигиталната арт инсталација ќе биде достапна за разгледување до 25-ти јули 2016 година.

1-Custom-1-1024x683 nude_1-Small-214x300