Интенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за градба на што повеќе општински индустриски зони и обезбедување на евтини парцели за проектот „Купи куќа за млади“ за што и се разговараше на работниот состанок меѓу градоначалниците и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во текот на изминатата недела, претставува нова можност за граѓаните и потикнување на економскиот развој.
И двете теми се најважните теми за секој граѓанин. Да има сопствен дом и да има сопствено вработување и тоа да му овозможи подобра иднина, можности со кои ќе може да се надева на посреќен, поквалитетен живот на напредок и на формирање семејство кое ќе има можности во животот, истакна Груевски отворајќи го состанокот.
Прилеп ќе понуди 1000 нови локации кои ќе се продаваат по почетна цена од само едно евро за метар квадратен, а 400 локации се веќе готови и подготвени за продажба.
„За најбрзо време ќе имаме околу 1.000 локации, до крајот на годината. Дел од тие се за куќи во градот и дел во населените места во близина на Прилеп, по барање на граѓаните. Инаку населбата Градина веќе е подготвена, таму имаме 400 локации спремни да се продаваат“, истакна градоначалникот Марјан Ристески.
Освен тоа Прилеп развива три индустриски зони, од кој зоната Прилеп 1 е распродадена, во Прилеп 2 се продадени 5 парцели, а во Прилеп 3 се градат додатни 5 до 6 парцели, а се обезбедија и две парцели до фабриката Црн Бор.
„Индустриската зона Прилеп 1 е распродадена таму се градат 7-8 нови објекти. Очекуваме до крајот на годината уште 3-4 нови објекти да се градат. Капацитетот ќе биде околу 1.500-2.000 нови вработувања. Претежно се инвестиции од домашни компании, тоа е добро бидејќи ги прошируваат своите капацитети или градат нови капацитети. Локалната самоуправа гради инфраструктура, веќе имаме вложено милион евра во изградба на инфраструктура која е при крај,“ истакна Ристески.
Општината Илинден освен за економија, атрактивна е и за домување. Градоначалникот Жика Стојановски најави проширување на бројот на парцели кои ќе бидат наменети за проектот купи куќа за млади.
„Домувањето дополнително ќе се проширува и се работи со Министерството за транспорт и врски на нова локација од 60 хектари, односно 850 парцели за домување во просек од околу 500 метри квадратни. Втората нова локација за која се врши подготовка е во Ајватовци 6 хектари, односно 150 гардежни парцели“, потенцираше Стојановски.
Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев посочи дека општината развива неколку индустриски зони. Зоната Караслари распродадена, таму работи странската инвестиција Маркарт.
„Маркарт купија уште пет хектари површина во продолжение. Сите се продадени парцели во Караслари. Хемамак пестициди е во завршна фаза на неговиот објект, околу 3.500-4.000 квадратни метри изградени по сите стандарди. Другите се во фаза на добивање на одобрение за градба. Зоната Речани 2 е продадена цела, 14 хектари површина продадовме. Едмонт има изградено објект и веќе има започнато пробно производство на лепак за плочки“, вели Чадиев.
Следна зона која ќе се развива е Мамутчево и се работи за земјиште од 54 хектари.
Градоначалникот на Ново Село Блажо Велков посочи дека во фаза на градба се две компании кои инвестираат во општината. Една бугарска компанија од лесната индустрија, друга парцела е на македонска фирма која во соработка со кинеска компанија е заинтересирана за фабрика од електронска индустрија.
„Досега имаме продадено повеќе парцели исто така на магистралниот пат А4. Тука веќе инвеститорите се во фаза на одобрение за градба. Една компанија е бугарска и се работи за лесна незагадувачка индустрија, а другата парцела е продадена на наша фирма во соработка со кинеска компанија, ќе отвораат фабрика од електронската индустрија“, истакна Велков.
Општината Дојран е особено атрактивна за парцели за изградба на куќи. Градоначалникот Борче Стамов посочи дека ќе бидат доостапни над 100 парцели за таа намена.
„Со Министерството за транспорт разработуваме уште една поголема парцела, околу 50 хектари. Дојран е можеби една од единствените општини каде разработуваме две поголеми локации за „Купи куќа за млади“. Освен што има интерес за живеење во Дојран од страна на младите, ќе бидат доста атрактивни и за градење на викендици“, нагласи Стамов.