Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија испрати соопштение до нашата редакција во кое стои:
„Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ), најостро го осудува обидот на власта со манипулации, заташкување на вистината и заплашување и на пензионерите, да го оправда неуспешниот обид за недомаќинско и необјасниво задолжување на Република Македонија со нови 650.000.000,оо ЕУР.
Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ), не е изненадена од паничната реакција на самобендисаната и аздисана Власт по неуспешниот обид, заради клиентелистичкиот начин на владеење и исполнување на егоцентрични желби на врхушката на ДПМНЕ, повторно енормно да ги задолжи граѓаните на Република Македонија.
Власта, која до вчера се самовеличеше како економски најуспешна во Европа и „пошироко“, откако и пропадна обидот, без елементарно образложение и запазување на процедурите, со задолжување да обезбеди пари, почна да ги плаши пензионерите, дека со пропаѓањето на еврообврзницата, меѓудругото немало да има пари и за пензии.
Оваа власт десет 10 години мами дека „историски ја намалува невработеноста“ и со „успешни“ реформи обезбедува пари, за се па, и за „покачување“ на пензиите, а всушност безмилосно ги троши и ги задолжува нашите деца и внуци.
Зошто со Буџет од околу 2,9 милијарди ЕУР, за кој тврдеа дека е во одлична кондиција, Владата не може да ги сервисира своите обврски и зошто воопшто по 10 години нејзино владеење ФПИОМ тоне во се поголем дефицит и зависност од Буџетски дотации.
За да не се шири неспокој меѓу пензионерите ПОПГМ им укажува дека пари за пензии има и пензиите редовно ќе се исплаќаат.
На неспособната, корумпирана и забегана власт ПОПГМ и порачува дека е крајно време мирно да се повлече и да ослободи простор на други експерти кои се чесни луѓе и кои ќе останат да живеат во Република Македонија и кои се подготвени, по одржување на кредибилни избори, да ја преземат одговорноста за избавување на земјата од агонијата во која е вовлечена.“ – стои во соопштението од Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија.