Три златни медали за Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“

Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, под раководство на Летка Димовска–Полизова, освои три златни медали и стана светски шампион во категоријата „Женски камерни хорови“ на престижните „Светски хорски игри“ кои од 6 до 16 јули се одржаа во Сочи, Руска Федерација.

Македонските претставници освоија златни медали во категориите духовна музика и фолкор, како и златен медал во категоријата на женски камерни хорови. Со поддршка од Министерството за култура, Хорот „Св. Злата Мегленска“, како единствен претставник од Република Македонија, учествуваше на 9. Светски хорски игри, каде што се претставија над 280 хорови од 36 земји од целиот свет, кои се натпреваруваа во 28 различни категории.

Настапот на Светските хорски игри „Сочи 2016“, или познати како „Хорска олимпијада“, претставува најголем предизвик за сите хорови кои на публиката и ја понудија културата на земјата од каде што доаѓаат во целиот нејзин традиционален раскош низ црковната, световната и фолклорната хорска музика.

Пред две години Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ настапи на Светските хорски игри во Рига каде што освои две златни и еден сребрен медал.