Летен џез-карван во рамките на културната манифестација „Топол културен бран“

Летниот џез-карван, кој се реализира во рамките на културната манифестација „Топол културен бран“ поддржана од Министерството за култура, ова лето ќе посети повеќе градови низ Македонија, а негова прва станица е Ресен. Наредните три дена (19, 20 и 21 јули) во Новата чаршија во Ресен, со почеток од 22 часот, публиката ќе има можност да се разладува со настапите на едни од најактуелните џез-имиња од земјава кои пред публиката во Ресен ќе настапат со целовечерни концерти.

На 19 јули настапува Дамир Имери трио, чиј лидер е еден од врвните македонски инструменталисти и автор кој зад себе има голем број остварувања. Овојпат Дамир ќе настапи со своето трио во кое членуваат Ади Имери на гитара и Благоја Антовски на тапани. Тие ќе изведат своја авторска музика, вклучувајќи и неколку џез-стандарди.

На 20 јули е предвиден настап на бендот „Фирс“ (Fierce), чии членови се дел од најмладата генерација македонски џез-музичари кои енормно брзо ја освоија публиката. На Топол културен бран тие ќе настапат со материјал од нивниот прв албум, но и со дел од својата најнова музика од вториот албум кој сè уште не е издаден.

На 21 јули е предвиден настап на Иван Иванов квартет. Иван Иванов (тенор саксофон) е еден од претставниците на помладата генерација џез-музичари во Македонија кој своето стручно усовршување го стекнува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Иванов квартет ќе настапи со авторски композиции од неговите два албума, вклучувајќи неколку џез-стандарди.