Министерството за одбрана и Владата продолжуваат со политиката на прием на професионални војници и пополнување на Армијата на Република Македонија. Ова е првата група од 125 професионални војници за оваа година, а веднаш започнуваме и со нов конкурс за 90 професионални војници и 25 лица со високо образование со специфична струка која и е потребна на Армијата, како лекари, психолози и инженери.
Тоа го истакна министерсот за одбрана, Зоран Јолевски на свеченоста за прием на 125 професионални војници, која се одржа денеска во скопската касарна Илинден. Министерот додаде дека 48 од 125-те војници го завршија и 24-дневниот селективен курс и ќе бидат дел од специјалните единици, додека останатите ќе ги пополнат другите единици на Армијата. „Професионалните војници поминаа низ сериозен и ригорозен тест за проверка на нивните способности“, порача министерот Јолевски.
Пополнувањето на Армијата со исклучително способен кадар продолжува со питомците кои оваа година ја завршија Воената академија, додека перманентно е отворен и Конкурсот за пилоти во Центарот за обука на пилоти. „Во текот на ове денови тече процесот за селекција на земја, за кандидатите кои веќе се пријавија, кои се со високо образование и одлично познавање на англиски јазик. Воедно минатата недела отворивме и нов конкурс за втората група на кандидати за пилоти кои обуката треба да ја започнат оваа година“, информираше министерот.
Во рамките на новопримените професионални војници, 6 се припаднички на женскиот пол. Во следните три месеци овие професионални војници ќе поминат низ дополнителна обука, по што ќе бидат распоредени во единиците на Армијата на Република Македонија.