Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„За вистинското лице на Никола Груевски, многу работи открија, потврдија и дорасветлија обелоденетите материјали во рамки на проектот Вистината за Македонија.
Никола Груевски бил нечесен, бил алчен, кршел закони, нарачувал и толерирал криминали, грабал за себе `се што ќе му дојдело под рака без да избира средства за тоа, замислувајки се феудалец – запоседнал цели парцели, оттуѓувајки ги од скопјани за своја сметка. Сето тоа Груевски го правел од комотната позиција на премиер на Република Македонија, што ја обезбедувал на криминален начин. Презентираните аудио докази открија и дека човекот кој по својата функција треба да се грижи за граѓаните, немал ниту совест, а да не говориме за сочуство – го слушнавме лично Груевски и во улога на уживател на тешки човечки судбини, во коешто загорчување учествувал лично тој.
Денеска, почитувани граѓани, ќе расветлиме уште едно лице на Никола Груевски.
Денеска ќе симнеме уште една негова маска. Најсаканата негова маска. Маската на “големиот патриот Никола Груевски“.
Денека ќе слушнете каков политички измамник и манипулатор е Груевски. Од снимките што ќе ги објавиме на оваа прес конфернција ќе се уверите дека за да остане на власт, Никола Груевски ниту го интересираат “македонските национални интереси“ во коишто тој се крсти пред граѓаните Македонци, ниту го интересираат законите, ниту го интересираат неговите соработници – од министри, до пратеници. Ќе слушнете како без око да му трепне ги фрла во оган најблиските негови соработници во Владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот – во коалициските пазари во коишто неговата единствена цел е да ја обезбеди својата премиерска фотеља.
Станува збор за периодот на зацврстувањето на владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ и за пазарот со хашките случаи во тие договарања.
Многу конкретно новинарско прашање му беше поставено тогаш на Никола Груевски:
Дали учествува во такви пазарења со ДУИ?
На почетокот, да се потсетиме на тврдењето на Никола Груевски во одговорот на ова прашање.
(Видео снимка: Прашања и одговори на Никола Груевски)
Еве ќе се потсетиме и на одговорот на Груевски околу Хашките случаи, даден на пратеничко прашање од СДСМ на собраниска седница, кога Груевски одговорноста за носењето на Законот за амнестија за хашките случаи ја префрли на Парламентот.
Тогаш тој изрази жалење за случувањата во 2001-ва година, но како премиер, како што нагласи, мора да се согласи со, цитирам “одлуката на Парламентот, којашто беше поради цели што Парламентот ги образложи“. Ќе ја најдете, постои оваа негова изјава по медиумите.
Ајде сега, почитувани граѓани и претставници на медиумите заедно да ја слушнеме вистината.
Или да слушнеме како Груевски подло лажел. Вистината е спротивна и на двете тврдења на Никола Груевски.
Лично Никола Груевски се испазарил со Али Ахмети за затворање на хашките случаи со амнестија. Груевски лично наредил, за тој да се заштити, целата постапка да ја префрли на Парламентот. Ќе слушнете како Груевски лично менаџира, оваа правно неизводлива процедура на амнестија, на којашто му укажуваат соработниците, да ја натовари на пратениците и на министрите – пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – бидејки во тој период новата Влада сеуште не е формирана. Тоа дело не може преку автентично толкување да се толкува и да се брани со Закон за амнестија.
Уште во првиот сет снимки ќе го слушнете признанието лично на Никола Груевски како “завршиле“ преговорите со ДУИ и, како што вели: “мој избор е да биде веднаш“ (ова се однесува амнестијата на хашките случаи, јазикот и знамето). Лично од Груевски ќе слушнете дека одлуката за Закон за амнестија на хашките случаи е негова, но и како тој пресметливо нарачува одговорноста да биде префрлена на пратениците во Законодавно – правната комисија. Ќе стане јасно и што договорил Груевски со Ахмети и како тоа реагираат неговите соработници, Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески.
Во вториот сет разговори, почитувани граѓани, ќе слушнете дека е направен преседан со амнестијата за хашките случаи, што ја договорил Груевски со Ахмети. Лично заменичката во Министерството за правда, соработничка на Груевски, Билјана Бришковска, укажува дека “препораките од Комитетот за тортура ја исклучуваат амнестијата“. Ќе слушнете и како соработниците на Груевски, најдени во тесно, не сакаат да стават потпис на спорното автентично толкување за хашките случаи, што го нарачал Груевски, па затоа мора да произлезе од Владата, за Парламентот да го донесе Законот за амнестија. Како дури и најверниот извршител на Груевски, тогашниот министер за правда, Михајло Маневски одбивал да потпише позитивно мислење.
Во третиот и последен сет разговори за оваа прес конференција, почитувани граѓани, ќе слушнете јасно и гласно што се пратениците за Гордана Јанкулоска, но и за собранискиот спикер Трајко Велјаноски – без разлика дали се од македонска или албанска националност. Нека простат што мораат да го слушнат овој збор. Биле “индијанци“. Ќе слушнете како Груевски лично управува и со носењето на Законот за амнестија за хашките случаи, бидејки не може да се обезбеди кворум за да помине законот. Како Груевски наредува на неговата секретарка итно да им наложи на пратениците и министрите – пратеници, да се појават на седницата. `И вели: “Министриве ако ти речат имаме друго – не, одете“ – така да им соопшти. Но ќе слушнете и како Јанкулоска и Ставрески свесни дека се местени, договараат начини како да не се појават на гласањето. Па, Ставрески вели “Не сум идиот“, додавајки: “Пешевски сигурно нема да дојде, некаде на плажа во Грција е“, а Јанкулоска за Груевски додава: “И шефот исто“.
Од овој листинг од гласањето на Законот за амнестија за хашките случаи, може да се види дека и Зоран Ставрески сепак не се појавил на седницата, а Гордана Јанкулоска не гласала.
Еве го денеска уште еднаш лицемерието на Никола Груевски на дело. Но уште појасно, еве го лажниот патриот, Никола Груевски. Еве го манипулаторот на политичката сцена во Република Македонија – без минимум доблесна човечка и лидерска храброст, она што е должност на еден премиер, да застане искрено пред граѓаните на Македонија.
Сега е јасно и зошто Груевски тоа не го правел. Затоа што овој човек се раководел најсебично, најбезобразно, исклучиво од сопствените интереси и ништо друго.
Само да го заштити својот личен рејтинг, денеска сте сведоци што `се правел.
Почитувани граѓани,
Не е важно од која националност сте, не е важно каква е вашата политичка ориентација, порачувам, како што се дига свеста за ова зло што и се случува на Македонија, така и вие, така сите ние, храбро и одлучно да застанеме еден до друг и да ставиме крај на интересите на Никола Груевски и неговата фамилија. Да си ги вратиме, не само интересите на државата туку и своите права: слободата, правдата и достоинството.
Ова зло да не дозволиме да се повтори.
Продолжуваме…“- истакна Заев.
Извор: www.sdsm.org.mk