Пионерите на српскиот алтернативен звук, „Обојени програм“ ќе настапат на четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“ во Струга. Нивниот концерт е закажан за вториот ден на фестивалот, во четврток, 28 јули и ќе започне од 22 часот.
Познати по своите интересни надреалистички текстови, заразни мелодии и истрајност на сцената, новосаѓаните настапуваат на главната сцена на „ДримON“, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Публиката во Струга ќе има можност во живо да ги чуе Љуба, Бебец, Кебра и Цина, со добро познатите „Небо, небо плаво је“, „Кад се неко нечем добром нада“, „981“, „Реформа у вашој глави“ и други песни од нивната богата дискографија.
Влезот за концертот на бендот, како и за останатите содржини на фестивалот, е слободен.
„Обојени програм“ е прв бенд кој се појавил на MTV, уште во 1993 година, во емисијата “120 minutes”. Во 2003 година се појавуваат како предгрупа на британскиот состав Placebo на нивниот белградски концерт.
За редовната релација Струга- Охрид, фестивалот обезбеди и полноќни линии по завршувањето на концертите.
Четвртото издание на „ДримON“ ќе се одржи од 27 до 31 јули во Струга, а програмата, освен музички настани, ќе понуди и дебати, улични акции, изложби, филмски проекции, театар, работилници и секако, многу забава и подигање на свесноста за повеќе важни прашања од општественото живење.