Ансамблот „СУДАР“ Перкашн од Хрватска вечерва со концерт на Охридско лето

Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето, вечерва, со почеток во 21 часот во предворјето на црквата „Света Софија“ ќе настапи Ансамблот „СУДАР“ Перкашн од Хрватска.

На програмата ќе бидат дела на М. Мештровиќ, В. А. Моцарт, М. Менке, Ј. М. Јаре.

Ансамблот „СУДАР перкашн“ (SUDAR Percussion) е формиран во 2010 година, со цел да се поттикне развојот и создавањето на музика за удирачки инструменти. Во ансамблот членуваат млади професионални музичари од Самобор кои се стремат кон популаризирање на овие инструменти помеѓу младите преку работа на иновативни проекти. „СУДАР пекашн“ досега соработувал со некои од најголемите имиња од светската удирачка сцена и музичката уметност воопшто, меѓу кои и композиторот Матеја Мештровиќ – соработка која резултирала со бројни концерти и настапи на еминентни фестивали на Балканот. Ансамблот има издадено и авторски компакт-диск на Мештровиќ, наслов „Eat Suite“, за кој има освоено две награди, од вкупно 6 номинации, на „Индипендент мјузик авордс“ (Independent Music Awards) во Соединетите Американски Држави.