На Граничниот премин Табановце се одржа презентација на Мобилниот систем за снимање со камери, кој има за цел подобрување на квалитетот на полициското работење.
Според министерот за внатрешни работи, м-р Митко Чавков, кој присуствуваше на презентацијата, интенцијата на операционализацијата на овој проект е подигнување на интегритетот на полициското постапување, односно обезбедување на законитост во преземањето на секое службено дејствие. Како што рече министерот Чавков тоа е практично на иста линија како и многуте политики кои што во рамките на МВР, досега се донесени, утврдени и операционалиозирани преку различни стандардни оперативни процедури. Крајна цел е постигнување на две комплементарни цели – обезбедување на безбедноста на граѓаните и на заедницата во исто време и почитување на човековите права и слободи, потенцираше минстерот за внатрешни работи.
Дел од презентацијата беше и делењето едукативен материјал(флаери) за запознавање на учесниците во сообраќајот за начинот на функционирање и целите на проектот „Мобилен систем за снимање со камери“. Исто така, беше поделен едукативен материјал за влијанието на заморот и брзото возење на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
На презентацијата, освен министерот Чавков, присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Горанче Савовски, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Стојче Стаменковски, како и претставници на ИЦИТАП програмата од САД и Министерството за правда, кои го помогнаа проектот.