„Полицијата уште еднаш покажа дека успешно и безрезервно ја остварува својата уставна и законска обврска-гарантирање на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија. Особено во последната деценија, со зголемување на бројот на полициските службеници, Министерството за внатрешни работи демонстрираше подготвеност одлучно да се спротивстави на сите видови криминал, да го одржи јавниот ред и мир и да ја зголеми безбедноста во сообраќајот на патиштата“, истакна министерот за внатрешни работи, м-р Митко Чавков денеска во Охрид, каде што присуствуваше на показна вежба „Спречување на нарушен јавен ред и мир на концерт“, што ја организираше Секторот за внатрешни работи Охрид.
Оценувајќи ја вежбата како многу успешна, министерот за внатрешни работи потенцираше дека Минисетрството за внатрешни работи се движи по вистинскиот пат и нема отстапување.
Инаку, показната вежба што денеска ја организираше и спроведе СВР Охрид беше дел од презентацијата на реализирани мерки и активности за одржување на јавен ред и мир и безбеден сообраќај, спречување и откривање на сторители на кривични дела за време на туристичката сезона. Презентацијата имаше за цел промовирање на новите полициски службеници и на кој начин тие придонесуваат за поуспешна работа на СВР Охрид.
На презентацијата, односно показната вежба, освен министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков, присуствуваа и директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Горанче Савовски и Ангел Јанев, заменик на градоначалникот на Охрид.