Решавањето на проблемот со фекалната канализација е најголем приоритет за жителите на струшкото село Радожда. Проблемот му го посочија на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски при синоќешната посета на ова населено место на која беше придружуван од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.
За финансирање на овој проект, според Груевски, решението ќе се бара преку ИПАРД фондовите на Европската унија. Доколку не се обезбедат на овој начин прашањето со изградба на кракот кај Радожба од колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро ќе се решава со државни средства.
„Треба да се аплицира за ИПА фондови, не само за Радожда, туку за уште неколку населени места. Вкупната инвестиција е околу 10 милиони евра, а само за Радожда за изградба на канализација и пречистителна станица потребни се околу еден милион евра. До јуни идната година треба да се одобрат овие пари, втората половина на 2017 да се избере изведувач и во 2018 да почне да се гради. Доколку не се одобри проектот ќе изнајдеме начин со државни пари да се реши проблемот за Радожда“, истакна Груевски.
Жителите на Радожда изразија задоволство од повторното отворање на авто-кампот Ливадиште од страна на ЕЛЕМ од кое ќе имаат бенефит и со вработување, но и со поголем број туристи.
„Забрзано се работи на целосно обновување на автокампот „Ливадиште“, што е капацитет од голема важност за локалната економија оттаму што обезбедува и средства од престој на домашни и странски гости, но и отвора и работни места за жителите на Радожда“, истакна жител на Радожда.
Тие укажаа на потребата од натамошни инвестиции во авто-кампот бидејќи приколките и бунгаловите се стари повеќе од 40 години.
Министерот Мисајловски истакна дека во моментов има 160 приколки, од кои 60 се приватизирани дадени под закуп, додека со останатите стопанисува ЕЛЕМ. – Во рамки на автокампот има и 16 студија односно бунгалови, изградени во 1976 година, рече Мисајловски.
Информираше дека договореното околу повторното отворање на автокампот веќе е реализирано. Кампот е повторно отворен, завршени се некои од поважните работи, како дрвените конструкции.
„Пред неколку месеци договаравме повторно отворање на автокампот „Ливадиште“. Тоа го решивме, еве од годинава кампот повторно е отворен. Преку ЕЛЕМ се работи на инвестирање во дополнителни содржини, како инфраструктура, санитарни јазли, тушеви, патеки, уредување на плажата, хортикултурно уредување. Постепено ќе се уредува кампот, преку замена на дотраените со нови камп-приколки, а понатаму и изградба на дрвени куќарки. Во тек е изработка на идејно решение, за тоа како ќе изгледа автокампот, со современ модерен изглед и функционалност што би бил пример за тоа како треба да изгледа современо уреден автокамп“, појасни Мисајловски.
Најголем дел од патот до Радожда е реконструиран, но присутните побараа да се асфалтираат и останати околу 500 метри, за кои Груевски и ресорниот министер им ветија дека ќе бидат завршени до крајот на годината.
За повторно активирање на авто-кампот Треска, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ рече дека не е запознаен со овој проблем. Според кажувањата, овој авто-капм бил под стечај и е во рацете на стечаен управител.
Проблем за ова населено место е и донесувањето на Деталниот урбанистички план, што ги кочи во инвестициите. ДУП-от, како што појаснија на средбата, бил закочен со ограничувањата за градење од вода до крајбрежје 50 метри, но бидејќи се работи за постоечки градби бараат начин да може да продолжи да се гради.
Во врска со барањето за менување на столаријата и покривот во основното училиште во селото, Груевски рече дека ќе биде ставено во списокот на образовни институции на кои им е потребна реконструкција. Меѓу другото беше побарана и помош од државата за проширување и реконструкција на игралиштето и изградба на потпорен ѕид над него.