Сертификат за акредитација на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења

Со добивањето на сертификатот за акредитација се потврдува компетентноста на експертите и стандардизацијата на методите за анализа и вештачење на доказниот материјал. Воедно се зголемува и довербата во лабораториските резултати кои стануваат меѓународно признаени, истакна министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков на церемониијата на доделување сертификат за акредитација на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија, што се одржа денеска во Министерството за внатрешни работи.

Според министерот Чавков акредитацијата ќе овозможи континуитет во членството на Форензичките лаборатории во најреномираната европска асоцијација од областа на форензиката – Европската мрежа на форензички научни институти ЕНФСИ. Вработените во Одделот со истиот интензитет продолжуваат да работат на имплементација на меѓународните стандарди и за другите лаборатории, за што ја имаат целосната поддршка од Министерството за внатрешни работи, потенцираше министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков.