МОН и АМС донираат спортска и техничка опрема во училиштата во руралните средини

Министерството за образование и наука (МОН) и Агенцијата за млади и спорт (АМС) со одлука на Владата на Република Македонија започнаа акција за распределба на спортска и техничка опрема на општините за потребите на основните училишта во руралните средини.

„Се работи за поголема количина на спортска и техничка опрема којашто неодамна беше во сопственост на Агенцијата за млади и спорт. Станува збор за околу 1.000 фудбалски, кошаркарски, ракометарски и одбојкарски топки, 28 пинг-понг маси, 200 шаховски табли, 208 домино сетови, 280 бекгејмон дрвени табли, 123 „Guess who adult“ игри, како и 20 мини ДВД системи, 20 ЛЦД проектори со платна и торбици, 19 дигитални камери и 9 фотоапарати. Оваа опрема МОН без надомест ќе ја распредели на 174 основни училишта кои се наоѓаат во рурални средини во 67 општини“, информира на денешната прес-конференција министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Тој додаде дека акцијата е веќе започната и ќе биде реализирана, до крајот на оваа календарска година.

„Министерството на овој начин дава поддршка и помош во унапредување на техничките услови за реализација на спортско – рекреативните наставни и воннаставни содржини во училиштата каде што има потреба за тоа“, истакна Ристовски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски рече дека акцијата е во согласност на Програмата за развој на спортот 2013 – 2017 година кој ја има донесено Владата на Република Македонија.

„Во делот од развојните сегменти се третира и училишниот спорт. Токму преку донирањето на спортската опрема се дава прилог во развој на училишниот спорт во државата, а со тоа и постигнување на ниво на рана спортска специјализација. Тоа понатаму е услов за квалитативно подобрување на врвниот спорт“, истакна Пујовски.

Ова е втор сегмент на доделување на спортска опрема од оваа институција. Првиот дел беше донирање на опрема на сите Домови за деца без родители и на Јавни установи за деца со пречки во развојот.