Во моментов процентот на невработени лица е на историско најмало ниво, 24,5 отсто. Во 2006 година тоа изнесуваше 38 отсто. Тоа е огромен пад во ситуации кога имавме неколку кризи, светска економска, должничка и нашата политичка криза. Главно по две основи се влијаеше за намалување на невработеноста, преку отворање нови работни места и директни инвестиции и преку мерките кои ги носеше Владата. Ова денеска го истакна премиерот Емил Димитриев на 109. седница на која беа поставувани пратенички прашања.
Осврнувајќи се на програмите, Димитриев рече дека најголем ефект во намалување на невработеноста има таканаречениот оперативен план за вработувања преку кој досега се вработени вкупно 62.906 граѓани на Република Македонија.
„Од нив 37.000 лица се вработени преку мерки од оперативниот план, 19.000 лица се преку проектот „Македонија вработува“ и околу 7.000 млади лица се вработени преку мерката млади лица до 29 години. Годинава, бидејќи видовме дека успешно функционира проектот „Македонија вработува“, од 28 јуни почнавме со нов проект „Македонија вработува 2“ кој ќе се применува една година. Тој веќе ги има дадено првите резултати. Само преку оваа мерка се вработени 192 лица“, рече Димитриев.
Тој ја нагласи успешноста на мерката „Македонија вработува 1“ преку која се вработија околу 19.000 лица во околу 10 илјади компании низ цела држава. Компаниите, како што рече, ја искористија оваа мерка и изразија задоволство од новата работна сила до која дојдоа.
– Со програмата за самовработување со која лицата се кредитираат со 3.000 евра, од 2007 до 2015 се вработени 7.788 лица и се регистрирани 7.722 нови правни субјекти, пред се мали компании како резултат на оваа програма. Интересот за оваа програма и годинава е висок. Досега имавме објавено два огласи, на првиот се одобрени 484 бизнис планови. Со вториот оглас, кој заврши на 22 овој месец, се опфатени лица за кои ќе следуваат натамошни постапки на селекција, рече Димитриев.
Преку програмата за субвенционирање вработување на инвалидни лица, Димитриев потенцира дека сакаат да помагаат и стимулираат вработување и на оваа категорија граѓани.
„Во овој дел од 2007 до 2015 година се инвестирани околу милијарда и 340 илјади денари и се вработени 2.642 инвалидни лица. Само за оваа година имаме барања од 71 компанија која сака да вработи нови 121 лице што покажува дека програмата има перспектива и ќе биде експлоатирана од сите заинтересирани компании“, рече Димитриев.
Преку „Обука кај познат работодавач“, од 2013 до 2015 година се реализирани вкупно 662 вработувања. За годинава, како што рече, веќе се склучени 212 договори за обука на околу 260 лица.
Димитриев се осврна и на мерката за финансиска поддршка на правни субјекти за отворање нови работни места, во мали и средни претпријатија и занаетчии во мал обе, и потенцира дека има одличен прогрес.
„Доделуваме 92.000 денари како помош за секое ново отворено работно место на компаниите. Досега се вработени 572 лица, а во тековната година е објавен оглас и веќе се завршени сите процедури и склучени договори со 88 компании кои ќе вработат околу со 162 лица“, рече Димитриев.
Од истиот оперативен план, како што рече, многу е значајна мерката „Обука кај познат работодавач“ која досега ја искористиле околу 6.500 лица. Во моментов оваа мерка ја користи 431 лице.
Премиерот Димитриев смета дека една од најважните мерки која би помогнала за намалување на невработеноста е обуката и практиканството и најави нејзино спроведување во иднина.