По Лондон, Белград и Загреб и Охрид станува центар на светски музички имиња. Од 1-ви август со настапите на светски познатите ди -џеи Nicky Romero и Lost Frequences заикажани на стадионот „Билјанини извори“, Охрид станува домаќин на најголемиот музички настан годинава, „Ohrid calling“.
Локалната самоуправа и Авалон продукција како организатори на случувањето очекуваат неколку илјадна публика ако се земе во предвид дека во рамки на фестивалот на 13 август е закажан настапот на легендарниот гитарист Al Di Meola, а ден потоа на СРЦ „Билјанини извори“ е настапот на светската рок атракција, групата „The Prodigy“.
Градоначалникот Никола Бакрачески на денешната прес конференција одржана по повод престојното фестивалско издание изрази надеж дека „Ohrid calling“ ќе стане препознатлив бренд во иднина при што продолжуваат напорите на Локалната самоуправа да воведе нови правци и нови ветришта во промоцијата на туристичката понуда на градот Охрид.
„Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на продукциската куќа Авалон за можноста после нашите долги најави и напори да воведеме еден нов квалитет во културно -забавниот живот во Охрид и нова понуда, која ќе стане атракција за голем дел од туристите коишто имаат намера да доаѓаат кај нас и тоа ќе стане поттик за да го одберат нашиов град како крајна туристичка дестинација. Сметам дека ова ќе биде еден иницијален момент во којшто со поширока ангажираност на сите субјекти покрај Авалон и Локалната, ќе можеме од година во година ова издание да го прошируваме. Намерата е во листата посетители- учесници на настанот да се вклучуваат многу познати светски музички имиња, кои ќе бидат причина Охрид да се етаблира во еден регионален центар кој ќе се развива од година во година и ќе претставува не само туристичка атракција туку и музичка дестинација, која сигнификантно ќе ја зголеми атрактивноста на градот Охрид“– рече градоначалникот Бакрачески додавајќи дека локалната власт во изминатиов тригодишен период во континуитет е максимално посветена да создава услови и да опслужува ѕвезди со светско реноме со чии настапи се подобрува туристичката понуда на Охрид.
„Спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ е комплетно подготвен за еден ваков голем спектакуарен настан. Стратегијата на Локалната е овој спортско рекреативен центар да биде оспособен за големи музички и спортски настани.
Од тие причини ние континуирано вложуваме, при што сметам дека за неколку години овој објект ќе биде најдобриот спортско рекреативен центар според содржините кои ги поседува во Република Македонија, а можеби и пошироко. Во архитектонско урбанистичките решенија коишто ние ги предвидуваме сигурно дека се предвиднеи и нови пристапи во осветлување, паркинг простори како и катна гаража чие градење се наметнува како неопходна потребата за одржување на вакви настани. Максимално сме посветени на доизградба на овој спортско рекреативен центар во којшто во изминативе неколку декади не е вложувано ништо, а во овие две до три години ние вложуваме во спортски терени и истовремено вложуваме и во инфраструктура. Целта ни е во иднина да бидеме максимално подготвени за прием на голем број гледачи и возила кои непречено ќе може да пристапат и да излезат во тој спортско рекреативен центар“- подвлече градоначалникот Бакрачески според кој тенденција на локалоната власт е вакви настани во Охрид да се организираат и во наредните години.
Денис Илиоски од Авалон продукција изрази задоволство за добрата соработка со Локалната самоуправа која има слух и максимално се залага за успешно одржување на светски музички настани во Охрид. Илиоски укажа и на предностите кои ги има Охрид за организирање на вакви светски настани посочувајќи дека музичарите се воодушевени од убавините на Охрид и содржините кои тој ги нуди.
„„Ohrid calling“ е фестивал на секој охриѓанец и на секој македонец. Сите заедно сакаме да промовираме нешто што во светски рамки е формирано многу одамна. Одамна ги работиме „Belgrad calling“, „Zagreb calling“, оваа година ги имаме „Skopje calling“ и „Ohrid calling“ што кај вас го организираме помош на локалната власт. Охрид ги има сите услови да покаже во светски рамки дека заслужува еден ваков голем фестивал. Ако направиме споредба на Балканот го имаме Егзит фестивал, којшто направи чуда во светски рамки но ја нема оваа убавина и овој простор, се одржува во Нови Сад а нема ни езеро ни море, како што тоа го има Охрид“- посочи Илиоски.
Билетите за „Ohrid calling“, веќе се распродадени во Бугарија, Албанија, Косово, Грција, цел Балкан, додека за концертот на The Prodigy има најавено комплетни тури директно од Англија.
За носењето на гости на вакви реномирани настани битни се и дирекните авио линии кои со заложби на локалната и централната власт се спроведуваат од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Во рамки на годинешниот „Ohrid calling“ ќе настапат и познати македонски бендови и ди џеји.