Во рамките на „Младото театарско Охридско лето“ вечерва, во предворјето на Св.Софија, со почеток во 21:00 часот ќе биде одиграна театарската претстава „ActOrchestra“, во режија на Хорија Суру, а во изведба на И.Л Карагиале, Национален театар Букурешт.
Во претставата играат актерите Петре Анкута, Флорин Калбајош и Емилиан Марнеа.
„Ако сега треба да го дефинираме жанрот, не би можеле да го наречеме концерт, музичка драма, импровизација или актерска игра, туку ова е единствено шоу од тројца актери и 20 други партнери … или музички инструменти. ActOrchestra го преобразува концертот во целосна театарска претстава, каде зад сцената дејствијата се поспектакуларни отколку дејствијата на сцената.
Ова е хумористични приказна, во која тројцата ликови се борат за непредвидливата патека која води кон сцената. Oва е една весела, мелодична и ритмичка приказна.“- стои во најавата.
Хориа Суру е еден од најплодните, млади романски режисери. Низ годините наназад започнувајќи од 2013 година, добива награда на Независниот театарски маратон во Букурешт, во 2014 се јавува како режисер на пет претстави а во 2015 година режира четири претстави.
Добитник е на бројни награди во земјата, а во текот на неговата творечка дејност престојувал и надвор од својата земја во САД, Франција, Белгија и во Шпанија.
Од 2014 година, Хориа Суру е ко-основач и уметнички директор на Греј Плеј Театарот во Романија.