Двајца Македонци кои живеат во Индијана, САД, пријавиле во прилепската полиција дека се измамени од сопственичката на туристичката агенција „Сториа травел“, Јасмина Јорданоска-Чебренска, која наводно им нудела евтини авиобилети, дознава „Мета“.
Имено, како што велат тие, понудата ја добиле преку прилепската пејачка Елена Јовчевска, која настапувала за нашите иселеници во САД. Јовчевска, пак, тврди дека и таа е измамена од сопственичката на агенцијата каде што била вработена.
Драган Џикоски, кој живее во Краун Поинт, Индијана, во САД, вели дека на Чебренска ѝ дал 5.000 долари за 11 билети. Тој случајот со измама го пријавил во прилепската полиција.
– Јовчевска по настапите ни тврдеше дека има агенција заедно со својата прва братучетка и дека имаат евтини авиобилети. Јас се нафатив да ги купам, а парите директно на Чебренска ѝ ги испратив преку еден мој пријател. Потоа барав и прашував за тоа каде се билетите, ама одговор не добивме. На крајот морав да купам други билети за да дојдам во Македонија – ни изјави Џикоски.
На иста мака е и неговиот сограѓанин од Краун Поинт, Димче Николовски, кој веќе шест години работи во Индијана, САД. Тој, исто така, вели дека Јовчевска ја запознал кога таа со нејзината група била на турнеја низ Америка. И Николовски случајот го пријавил во полиција.
„Ни ветија евтини билети и купив пет за 4.270 долари, а парите ги испратив преку „Маниграм“. Потоа добивме билети само за во еден правец. Сепак, тоа не е најстрашната работа. Дополнително, за во 2017 година купив 14 билети во износ од 270.000 денари. Половината ги уплатив преку кредитна картичка, а во извештајот наместо „Сториа травел“ ми пишува дека парите ги подигнале од скопската туристичка агенција „Елит травел“. Другите пари ѝ ги дадов во готово на мајката на Чебренска“ – вели Николовски.
По извесно време Јовчевска му се јавила и му рекла да си ги побара парите назад затоа што ќе биде измамен.
„Веднаш ѝ се јавив на Чебренска и си ги побарав парите назад. Таа ми вети дека најмногу за 72 часа ќе ми ги врати парите, ама, еве, до денеска немам ништо. Последен пат се чув пред некој ден кога ми рече дека рефундирањето на средствата оди бавно затоа што се откажале повеќе од 50 билети “– изјави за „Мета“ Николовски.
Истата голгота ја доживеале и Македонци што живеат во Австралија. Тие не сакаа да зборуваат јавно, но рекоа дека Чебренска има „закрпено“ повеќе македонски семејства од овој континент.
Како што вчера пишуваше „Мета“, Македонци кои живеат во САД биле измамени со ветување дека ќе добијат евтини авиобилети до скопскиот аеродром. Целата ујдурма настанала за време на новогодишните прослави за Македонците во дијаспората, кога пејачката што ги забавувала, по потекло од Прилеп, Македонија, им понудила евтини авиобилети до Македонија преку австриската авионска компанија „Aустриан ерлајнс“.
Голготата почнува некој месец подоцна, кога луѓето си ги побарале авионските билети, но не ги добиле.
„И јас сум измамена од газдарицата на агенцијата“ – тврди пејачката Елена Јовчевска.
Таа ни изјави дека против сопственичката на агенцијата повела судски процес.
„Мене ме измами најмногу. Јас работев кај неа затоа што ме замоли, поради тоа што ми е прва братучетка. Кога одев на настапи, им нудев билети за авионски превоз на Македонците, а парите ги добиваше таа. Што правела потоа со нив, не знам. Знам само дека сум измамена“ – ни изјави Јовчевска.
Сопственичката на „Сториа травел“, Јасмина Јорданоска-Чебренска, не можевме да ја добиеме на нејзиниот телефон.
Адвокатите што ги консултираше „Мета“ велат дека Македонците можеби и немаат судски случај во оваа приказна. Според нив, тие парите ги дале во готово, без потврда, па нема доказ за извршената наплата.
Од МВР вчера тврдеа дека немаат пријава за сторена измама и инсистираат измамените Македонци да го пријават случајот во полициска станица, за да може тој да се процесуира.
Инаку, Чебренска е познато име во полициската евиденција. Таа во 2012 година како управител на прилепската туристичка агенција „Вијаџо“, доби 30 дена притвор за кривично дело измама. Пријавата до полицијата и до обвинителството беше поднесена од триесетина измамени граѓани кои платиле туристички аранжмани за Грција, Шпанија и за Египет, но ниту ја добиле услугата, ниту парите им се вратени. Полицајци, судии, обвинители, адвокати, пратеници и бизнисмени од Прилеп беа измамени од оваа туристичка агенција.
Кога тие стигнале до посакуваната дестинација, нивните имиња ги немало на листата за резервација во хотелите. Наместо на плажа, дел од измамените прилепчани два дена се влечкале со торбите од еден во друг хотел во надеж дека ќе се најде некакво решение. Првичните процени беа дека измамата надминува 120.000 евра.
Извор: meta.mk