Континуирано се градат станови за социјално ранливите категории на граѓани

Продолжува силната грижа за социјално ранливите категории на граѓани. 123 станови за нив се градат во моментов, 119 станови се во фаза на предавање на корисниците, а во следните 12 месеци ќе започне изградба на уште 377 станови во повеќе општини во државата.

Ова беше истакнато при посетата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на Гостивар каде меѓу другото беше остварен и увид во изградбата на зградата која за оваа намена се гради во оваа општина.

Во разговорот на Груевски со директорот на ПУИГ Цветко Грозданов беше истакнато дека покрај зградата во Гостивар која е со 75 станови и за која се инвестираат 213 милиони денари во моментов во фаза на градба се и зградите во Кочани и Македонски Брод, кои се очекува и порано од планираниот рок да бидат завршени.

Истовремено веќе е завршена постапката за распределба на 119 станови за социјално ранливите категории на граѓани во Прилеп, Ресен и Демир Хисар и во моментов се реализира процесот на предавање на истите на граѓаните кои ги добија становите.

Грозданов го информираше Груевски дека во моментов се работи на проектирање односно на средување на потребната документација за уште 377 станови од оваа програма кои се очекува да започнат да се градат до крајот на оваа и почетокот на следната година. Овие станови ќе се градат во општините Бутел, Свети Николе, Пробиштип, Виница а се планира и зграда во Струмица.

Груевски во разговорот истакна дека станува збор за многу значаен проект со кој се обезбедува решавање на станбеното прашање на различни категории на граѓани потенцирајќи дека е задоволен од досегашната реализација на проектот и динамиката на изградба на становите.

Со овој проект во чии рамки се предвидува изградба на 1741 стана односно 33 станбени згради во 26 општини од страна на државата преку ПУИГ досега се изградени 14 станбени згради со вкупно 678 станбени единици.